Гласна музика, журки, викање, стартување на мотори и автомобили од блиското кафуле секоја вечер веќе десет години ги оставаат без сон жителите на Капиштец. Дневни и ноќни забави: по шест забави неделно, 52 недели во годината. Некогаш најмирната населба сега е претворена во модерна џунгла. Вечерва се собраа за да изразат протест против дивеењето, но и против непреземањето на мерки од страна на надлежните.
„Навечер ечат музики, техно забави се организираат под нашите прозори. Турбофолк концерти се организираат под нашите спални. Во 2 часот по полноќ пијани групи цело време кршат, урлаат, викаат немаме мир. Ова трае повеќе од 10 години. Не знам колку пати се имаме јавено во полиција, колку пати имаме пријавувано во општинската власт, во градската власт, министерства“, изјави Горан Гацовски, жител на Капиштец.
„Имаме огромен проблем. Не се спие, а басовите едно време работат, кафичите работат и после работно време. Така да треба институциите да си превземат нешто“, вели друг жител на Капиштец.
Тврдат дека реакцијата на општината е бледа, не виделе затворање на објекти и санкции. Велат дека не им требаат парични казни на угостителите, туку мир. На протестот им се придружија поранешниот градоначалник, Саша Богдановиќ и актуелниот, Горан Герасимовски, кој одговараше на нивните прашања. Тврди дека презема се што е во негова моќ. Заедно потпишале иницијатива во која бараат секој да преземе се што е потребно во рамки на своите надлежности и ја доставиле до Министерството за економија и до МВР.
„Треба да се вклучи пазарната инспекција исто во делот на работните часови. Ние како општина имаме пишано голем број на казни и тоа највисоки, а тоа е по 800,000 денари. Ќе продолжиме да пишуваме казни за во нашиот дел да направиме што поголем ред. Дополнително ставивме и мерачи за гласна музика коишто ги следат нашите инспекциски служби за да дополнително знаат кога се прави најголемиот проблем, но и сме во постојана комуникација со дел од жителите“, рече Горан Герасимовски, градоначалник на Центар.
Советниците од Левица ова прашање го покренувале и на седниците на Совет, а најавија и дека повторно ќе го сторат тоа.
„Ние покренавме многу иницијативи и барања за инспекција којашто е извршена, но приватниот субјект односно нели кафаните, кафулињата само ќе си ја платат казната и ќе си продолжат со дивеењето и самоволијата. Па еве самиот градоначалник е жител на ова маало ако не сака на граѓаните да им помогне може и на себе да си помогне“, посочи Александар Панајотов, советник од Левица.
Жителите вечерва се обратија и до МВР. Бараат полицајците да престанат со барање да се мери бучавата од спалните соби со затворен просзорец, затоа што според актите објавени во 2008 година, мерењето во станбен реон, втора зона, после 23 часот врши надвор, а бучавата не смее да надмине 45 децибели. Се надеваат дека конечно нешто ќе се преземе, во спротивно, најавија дека ќе почнат да блокираат улици.
Далиборка Демјанска Цветановска
