Опасен правен преседан кој во иднина може да им го ограничи правото на штрајк на вработените во сите фирми е пресудата на Апелациониот суд Скопје, со која конечно им го забрани штрајкот на контролорите на летање, реагира нивниот синдикат.
Според пресудата на Апелација, се потврдува забраната за штрајкот во М-НАВ поради тоа што нема конкретни барања од работен однос, немало постапка за помирување и дека Струковиот синдикат на контролори на летање нема правен легитимитет да организира и спроведува штрајк, затоа што е подружница на Независниот синдикат на работниците од сообраќајот и врските, па легитимитетот е во тој синдикат.
Контролорите сметаат дека со тоа се ограничува правото на штрајк на ниво на фирма, затоа што на пример во една фирма има проблем и работниците сакаат да штрајкуваат, но не и сите фирми од таа индустрија.
- „Преку оваа пресуда се воведува една пракса преку која се забранува едно уставно загарантирано право од член 38 од Уставот, а тоа е правото на штрајк на синдикални организации, односно се смета на тоа дека во државата сите ќе можат, дури и поединци да организираат штрајк, само синдикални организации на ниво на работодавач нема да имаат право тоа повеќе да го прават. Сосема е нефункционално, ако ние имаме проблем на ниво на работодавач, да бараме гранката којашто има синдикални организации и од ТАВ, или од Телеком или ЈСП или од други компании, тие да штрајкуваат за нашите проблеми. Ако ние имаме проблем, другите го немаат, сосема е лудо ние да бараме тие да реагираат и да ги решаваат нашите проблеми“, вели претседателот на Синдикатот на контролори на летање Александар Тасевски.
Тие најавија дека ќе се жалат пред Врховниот суд, а ако треба и на Стразбур.
Тензиите меѓу М-НАВ и синдикатот на контролори на летање започнаа со најавата за петчасовен генерален штрајк во октомври минатата година, со кој ќе се затвореше македонското небо поради барања за подобри услови и департизација на институцијата.
Од синдикатот обвинуваат дека раководство прави нова систематизација за вработување на несуштински кадар, наместо контролори на лет, конкурс кој не се реализира и ќе пропадне.
Граѓанскиот суд во Скопје го забрани штрајкот, но таа одлука падна на Апелација. М-Нав потоа поведе судска постапка со која бара да се утврди дека синдикатот на контролорите нема право самостојно да настапува и да организира вакви активности. Граѓанскиот суд го забрани штрајкот, а сега и Апелација ја потврди таа одлука.
Срѓан Стјанчов
Б.С.
