Само од нето провизии банките во Македонија лани остварија вкупна добивка над 118 милиони евра, покажуваат податоците од извештајот на Народната банка. Тој износ е поголем за 3 милиони евра споредено со 2024 година, што претставува раст од 2,7%.
Што се однесува до вкупните профити на банките, тие во 2025 година изнесуваат скоро 304 милиони евра, односно за 21 милион евра повеќе од 2024 година, што е раст од 7,5%. Тоа значи дека повеќе од третина од добивката е остварена по основ на нето провизиите.
Во земјава функционираат 12 банки, а дел од нив најавија дека во наредниот период ќе ги зголемат провизиите што ги наплаќаат од своите клиенти за одредени банкарски услуги. Тоа предизвика реакции во јавноста.
Гувернерот Трајко Славески преку објава на социјалните мрежи посочи дека тоа се услуги што граѓаните и фирмите секојдневно ги користат и оттука прашањето за висината на надоместоците, според него, заслужува поширока јавна дебата.
„Народната банка во моментот нема законска надлежност директно да ги регулира надоместоците што ги наплаќаат банките. Сепак, актуелните случувања покажуваат дека е потребно да се разгледаат можностите за дополнување на законската рамка по примерот на повеќе европски земји во кои постојат механизми за заштита на корисниците и обезбедување фер и предвидливи услови за користење на платежните услуги“, напиша Славески.
На тоа одговори министерката за финансии, Гордана Димитриеска Кочоска, која рече дека надоместоците и провизиите што банките ги наплаќаат за услугите што ги нудат не се материја којашто се регулира со закон.
