За две недели ќе пристигнат околу 2.500 нови контејнери, најави градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, по реакциите во јавноста дека контејнерите се преполни и дека сметот не се собира редовно.
Според него, во моментов најголем проблем е недостигот на контејнери на одредени места низ градот.
„На места каде што треба да има по шест контејнери, сега има само по еден“, изјави Орце Ѓорѓиевски.
Во однос на состојбата со сметот и контејнерите полни со ѓубре, градоначалникот призна дека има одредени пропусти, за што вината ја префрли на старата механизација и недоволниот број возила што ги наследиле.
„Пе не би рекол дека секаде се полни контејнерите, има одредени пропусти. Ние се уште работиме со старата механизација која ја наследивме. Од моментот кога станав градоначалник имавме 16 камиони на располагање, сега бројката се движи околу 60. Но важно е дека е завршена тендерската постапка и набрзо ќе стигнат 40 камиони за потребите на градот“, рече Ѓорѓиевски.
Граѓани од повеќе населби во општините Карпош и Аеродром до редакцијата на telma.com.mk, изминатиот период испратија снимки и фотографии од преполни контејнери, и бараа реакција од Градот за брзо и навремено расчитување на сметот.
Тамара Марковска
