Шестиот „генералка“ викенд за чистење на јавните површини во државата, за некои е „генералка“ викенд за чистење на домовите. Купишта одложен шут, покуќнина покрај контејнери на улица „Февруарски поход“ во населбата Ново Лисиче во Општина Аеродром.
Душеци, фотелји, стари прозорци, сунѓери, стара гардероба, теписи, пластика, стакло, картонски кутии… Граѓани се обратија до редакцијата на telma.com.mk со видеа од кабастиот отпад што е оставен на јавна површина во населбата. Тие постојано алармираат дека се создава мини депонија на посочената локација и, како што велат, „со години наназад никој не најде решение, ниту некој е казнет“.
Видеата на граѓани од Ново Лисиче доаѓаат по еден ден од снимката на градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески во која беше прикажан камион како нелегално одложува градежен шут на дива депонија во Долно Лисиче.
Жителите реагираат за однесувањето на несовесните граѓани кои го изнеле кабастиот отпад и бараат од јавното комунално претпријатие на Општина Аеродром веднаш да реагира со испраќање на екипа на терен за расчистување на мини депонијата.
С.Д.
