Судскиот совет времено го оддалечи од вршење на судиска функција ВД претседателот на Основен суд Гостивар, Елјеса Алији кој е осомничен за примање на мито од 8000 евра. Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција отвори истрага против Алији и судски администратор кои се гонат дека се обиделе да интервенираат кај судии во граѓански спор. Осомничени се за примање награда за противзаконито влијание. Тие најпрвин побарале 5000 евра за да влијаат кај нивни колега да донесе решение за повторување на постапката за која била донесена одбивателна пресуда. Откако не успеале, побарале дополнителни 3000 евра да интервенираат кај други судии во втор степен за укинување на решението со кое не било дозволено повторување на постапката. Судскиот администратор добил 800 евра за да заврши работа по однос на доставениот писмен документ од извршител.
„Осомничените во периодот од месец јануари 2023 година до 2025 година, заедно, со умисла искористувајќи ја својата службена положба, реално и претпоставено влијание како Претседател и Судски администратор, барале и примиле парична награда во износ од 8.000 евра, а второосомничениот и износ од 800 евра, со цел да интервенираат кај судија на Основниот суд Гостивар и совет на судии во Апелациониот суд Гостивар за извршување службено дејствие што не би смеело да се изврши“, велат од ОЈО ГОКК.
На осомничените им се изречени мерки на претпазливост. На местото на Алији е назначен судијата Мирослав Петровски. Во 2024 година врховниот судија Наќе Ѓеоргиев беше фатен како прима мито од 10.000 евра и беше осуден на казна затвор од 3 години. Во меѓувреме оценет е и обвинителниот акт за апелациониот судија Ѓоко Ристов кој се гони за противправно стекнување и прикривање на имот, како и перење на пари откако во куќа не неговите родители беа пронајдени соѕидани 350 илјади евра.
Марија Митевска
Претседателот на Основниот суд Гостивар осомничен за мито од 8.000 евра
