Претседателот на гостиварскиот основен суд, Елјеса Алији е осомничен дека примил мито од 8.000 евра за да влијае кај судии во граѓански спор. Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција отвори истрага против Алији и судскиот администратор кои на почетокот на 2023 година ѝ ветиле на странка дека ќе ѝ помогнат. Најпрвин побарале помала сума на пари, но потоа уште неколку илјади евра.
„За надомест од 5.000 евра тие требало да интервенираат кај судија во Основниот суд Гостивар да донесе решение за повторување на постапката за која била донесена одбивателна пресуда. Откако не успеале, повторно по барање на осомничените, со дополнителни парични средства во износ од 3.000 евра требало да интервенираат кај судии во втор степен за укинување на решението со кое не било дозволено повторување на постапката“, информира ОЈО ГОКК.
Судскиот администратор добил 800 евра за да заврши работа по однос на доставениот писмен документ од извршител.
„Осомничените во периодот од месец јануари 2023 година до 2025 година, заедно со умисла, искористувајќи ја својата службена положба, реално и претпоставено влијание како Претседател и Судски администратор, барале и примиле парична награда во износ од 8.000 евра, а второосомничениот и износ од 800 евра, со цел да интервенираат кај судија на Основниот суд Гостивар и совет на судии во Апелациониот суд Гостивар за извршување службено дејствие што не би смеело да се изврши“, додаваат од ОЈО ГОКК.
Тие се гонат за примање награда за противзаконито влијание, а обвинителството бара мерки на претпазливост. Алији во 2021 година беше избран на функцијата, а претходно беше в.д претседател на тетовскиот суд. За судија во овој суд бил избран во мај 2005 година.
Марија Митевска
