Одлуката за запирање на истрагата за набавките на мазут по полициската пријава за злоупотреби и финансиска штета од над 167 милиони евра сè уште не пристигнала и не е примена во ЕСМ, државната енергетска компанија која го чека поштарот, но веќе изготвува приговор за одлуката во обид како оштетено правно лице да ја врати во живот истрагата. Обвинителството ја отфрли кривичната пријава и ја запре истрагата со тврдење дека не нашле докази кои во суд може да ги потврдат наводите за незаконски јавни набавки и за несоодветна испорака на мазут во ТЕЦ.
Но, дополнителни реакции предизвика изјавата на премиерот Мицкоски кој рече дека бил шокиран и телефонски се слушнал со државниот обвинител кој му кажал дека не бил информиран за затворање на истрагата. Шок има и поради неговото телефонско повикување на обвинителот Савески.
„Секогаш кога ќе дојдат на власт, гарнитурите на ВМРО-ДПМНЕ покажуваат повеќе од другите, едно непознавање на таа општа правна култура за поделба на власта, во смисла дека овој тип на интервенции не се допуштени во правната држава, во една модерна демократија. Извршната власт, премиерот, би требало да е загрижена за состојбите, финански и дали (обвинителството) функционира, како функционира односот меѓу обвинителството и полицијата, тој тип на определени организациски прашања и политики. А не во конкретен случај, тоа без друго е недозволено, бидејќи зборува за конкретни вмешувања и интереси“, смета професорот по кривично право Гордан Калајџиев.
Иако претходниот состав на Антикорупциската комисија поднесе иницијатива за кривично гонење во случајот со набавките на мазутот, актуелниот претседател на ДКСК не сака да ги коментира одлуките и на обвинителството и на своите претходници со кои соработувал како службеник во комисијата.
„Тоа сепак е одлука на обвинителството и иницијатива на претходната Антикорупциска комисија и не би го коментирале одлуките на обвинителството. Ние сме на став дека треба да има поголема соработка на ваквите тела, како ДКСК со обвинителството, особено во фазата при подготвување на иницијативи за истите да бидат поиздржани“, одговори на прашањата на Телма, претседателот на ДКСК, Адем Чучуљ.
Реакциите на власта за затворање на случајот беа големи, со негативни коментари за обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, но одлуката е во рацете на надлежен обвинител, а не на власта, вели професорот Калајџиев.
„Би можеле да претпоставиме дека власта има толку сознанија да е убедена дека се работи за криминал и да е несреќна сега со оваа ситуација дека се ослободени поради немање на докази“, вели Калајџиев.
Истрагата е запрена за Ратко Капушевски и неговата фирма РКМ, Асмир Јахоски, сопственик на „Пуцко Петрол“ и син на пратеникот на ДУИ, Исмаил Јахоски, поранешните директори во ЕСМ, избеганиот Васко Ковачевски и Адриан Муча, Ерџан Сулковски и уште осум други осомничени.
Миомир Серафиновиќ
