Ако горат шуми на „Национални шуми“, на „Македонски шуми“, тие треба да гаснат, ако горат шуми на ловиштето „Јасен“, треба „Јасен“ да гасне, ако гори шума на Галичица, треба Националниот парк „Галичица“ да почне со гаснење и да го изгасне, затоа имаат ренџери, појасни Стојанче Ангелов, директор на Дирекцијата за заштита и спасување, во вечерашното интервју во „Топ тема“ на ТВ Телма околу надлежностите кој во кој случај реагира при појава на пожар.
„Доколку сопственикот на шумата не успее, тој бара помош од локалната противпожарна единица на територијата на која што се наоѓа. Ако гори на Шар планина, доаѓа на терен противпожарната единица од Тетово, ако гори на Галичица, доаѓа охридската противпожарна единица. Доколку локалната противпожарна единица не успева, градоначалникот треба да ги мобилизира локалните капацитети. Вработените во Општината же земат метли, напртњачи, обични лопати, ќе одат ќе гаснат. Потоа ќе ги земе вработените во јавното комунално претпријатие, ќе отидат со цистерна за вода за пиење, со неа ќе однесат вода. Ако тоа не е доволно, тогаш се бара помош од соседните општини, потоа се бара помош од подалечните и на крај се бара помош од државата. Државата е главниот штаб за управување со кризи. На крај ме бараат мене и јас праќам авиони или хеликопери. За жал, кај нас ланецот е скратен и кога ќе почне пожар директно се бараат воздухоплови, но секогаш кога се слободно воздухопловите, јас дозволувам нивна употреба“, вели Ангелов.
С.Д.
