Дополнителни обуки за училишните психолози и дежурства на наставниците во сите училишта се дел од мерките што ги најави министерката за образование Весна Јаневска за справување со врсничкото насилство. Според Јаневска, агресивното однесување не се создава во училиштата, туку учениците го носат од средината во која растат. Таа смета дека станува збор за комплексен проблем, чие решавање бара вклучување на семејствата и стручните служби.
„Овој облик на чување на мирна средина во училиштата, кога наставниците дежураат по ходниците и во дворот не е ништо ново. Во некои училишта така функционираше, но во некои не. Ние испративме допис со кој само ги потсетуваме на добрите практики бидејќи тие се одговорни за однесувањето на учениците“, изјави Весна Јаневска, министерка за образование и наука.
Градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави дека за две недели ќе започне бесплатна психолошка поддршка за учениците од средните училишта. Сепак, според него, коренот на проблемот најчесто треба да се бара во семејната средина. Тој предложи и организирање заедничка матурска прослава за сите средношколци, со цел младите подобро да се запознаат и да сфатат дека сите се исти.
„Треба да видиме од каде потекнува проблемот и девијантното однесување кај поединец или група, за тоа треба да се работи со семејството и со професорите“, смета Орце Ѓорѓиевски, градоначалник на Град Скопје.
Надлежните најавија и дека мобилните телефони веќе се забранети за време на часовите во основните училишта, а се разгледува можноста истата мерка да се воведе и во средните училишта.
Темата со врсничкото насилство повторно се актуализираше периодов. Пред речиси две недели во скопската населба Ѓорче Петров ученичка била физички нападната. Слична ваква тортура доживеала и 12-годишно ученичка од Штип.
Тамара Марковска
