Големото искуство во борбата за спречување на корупцијата и судирот на интереси, јасната визија за работата на ДКСК, нејзиниот план за работа и одличните одговори на поставените општи и посебни прашања се причините кои ја исфрлија Катерина Зајковска прва на ранг листата на Комисијата за селекција. Ова и освоените процентни поени беа доволни за денеска да биде предложена за член на Антикорупциската комисија.
„Најдобро рангиран кандидат е Катерина Зајкоска која доби 90,67 бодови. Врз таа основа, предлагам Комисијата за избори и именувања да утврди предлог одлука з аизбор на член на Државната комисија за спречување на корупцијата“, изјави Ѓорѓија Сајковски, претседател на Комисија за избори и именувања.
Веднаш зад Зајковска, која е дипломиран економист и магистер по сметководство, финансии и ревизија, на листата е Милка Муратовска од Струмица, дипломиран правник со положен правосуден испит и магистер по казнено право. Разликата помеѓу нив е помала од еден процентен поен, што за СДСМ е доволно да биде избрана, особено поради фактот што има и соодветно образование.
„Кандидатката има две магистратури и е единствен кандидат штио има специјализирано образование во делот на антикорупцијата. Магистрирала на антикорупциски науки во Луксембург, има одлична биографија и сосема е логично да биде избрана за член на овој состав на Антикорупциската комисија“, рече Љупчо Николовски, член на Комисија за избори и именувања.
Сомнежи за изборот на Зајковска на претходната седница на комисијата искажаа од партијата Левица, дека, како раководител во секторот за ревизија на финансирањето на изборните кампањи во Антикорупциската комисија, наводно прикривала делови од финансиски извештаи поврзани со поранешната функционерка Цвета Ристовска. Зајковска демантираше, велејќи дека одговара само за сопствениот интегритет, а дека овој случај го нарушил интегритетот на институцијата.
Сега е на потег Собранието кое треба да ја донесе конечната одлука за избор на член на Антикорупциската комисија.
Далиборка Демјанска Цветановска
