САД и Иран ги приближуваат позициите за постигнување договор за краток меморандум со кој би се завршила, пренесуваат дел од американските медиуми, повикувајќи се на регионален извор запознаен со преговорите,
Се тврди дека Белата куќа добила позитивни информации од пакистанските посредници дека Иранците напредуваат кон компромис, иако овој оптимизам засега нема официјална потврда.
Наводно претседателот Доналд Трамп се обидува да ги поедностави прашањата во мировните преговори, со цел умерените сили во иранскиот режим повторно да се вратат на преговарачката маса, а потешките прашања да се решаваат подоцна.
Трамп ја пофали дипломатијата, велејќи дека САД имале „многу добри разговори“ со Иран во последните 24 часа.
„И сега работите одат добро. Сега треба да го добиеме тоа што треба да го добиеме. Ако не го постигнеме тоа, ќе мораме да одиме еден голем чекор понатаму. Но, сепак, тие сакаат да постигнат договор. Имавме многу добри разговори во последните 24 часа. И сосема е можно да постигнеме договор“, рече американскиот претседател Доналд Трамп.
Планот што во моментот се разгледува би прогласил крај на војната и би активирал 30-дневен период на преговори за решавање на спорните теми, вклучувајќи ги нуклеарните прашања, одмрзнувањето на иранските средства и идната безбедност во Ормутскиот Теснец.
Очекувањата се дека Иран денеска би го доставил својот одговор на американскиот план до посредниците,
Последната официјална реакција на Иран беше дека властите во Техеран сè уште го разгледуваат најновиот предлог на САД.
По информациите дека САД и Иран се приближуваат до договор, цените на
нафтата и денеска продолжуваат да паѓаат,
Глобалниот репер за цената на нафтата, Брент, се намали за 1,5 процент и изнесува 99,8 долари за барел, откако вчера заврши со пад од речиси 8%. Американскиот репер, падна со сличен процент на 93,5 долари за барел.
Цените на нафтата оваа недела доживуваат големи осцилации. Во понеделникот, Брент ја достигна највисоката цена оваа година, пред вчера нагло да падне. Сепак, цените на суровата нафта и понатаму се повеќе од една третина повисоки отколку пред американско-израелските напади врз Иран кои започнаа на 28 февруари.
Но војната и флуктуациите на цената на нафтата не се лоши вести за сите. Британскиот нафтен гигант Шел, објави дека заработката во првите три месеци од годината пораснала на 6,9 милијарди долари, што е речиси една четвртина повеќе, односно 1,3 милијарди долари повеќе во споредба со истиот период минатата година. Профитот од рафинериите на компанијата, кои ја преработуваат суровата нафта во производи како дизел и бензин, изнесувал околу 2 милијарди долари.
Претходно и Бритиш Петролеум минатата недела објави двојно зголемување на профитот во првиот квартал.
Никола Илиевски
