Концепциите на Мисирков ја надминуваат својата временска рамка и на свој начин ги антиципираат согледувањата кои подоцна стануваат централни во модернистичката парадигма и современата општествена наука. И токму затоа оваа студија не го повторува веќе познатото за Мисирков, вели професор Цветанова.
„Гледано од денешна перспектива, делото на Мисирков открива јасно обликувана рана форма на македонски социолошки дискурс што го позиционира не само како темелна фигура во процесот на националното осознавање, туку и како еден од основоположниците на македонската научна општествена мисла“, изјави проф. д-р Ганка Цветанова, авторка на монографијата.
Со делото „Социолошкиот дискурс на Крсте Петков Мисирков: за македонскиот идентитет и за нацијата“ на професор Цветанова добивме монографија со којашто се промислува секој аспект на македонската нација во рамки на релевантната научна парадигма на нацијата, јазична стандардизација и политичка еманципација, забележа академик Ќулавкова. Студија која опоменува дека опстанокот на нацијата е релациона категорија,промислување на јазикот како интегративен, збилижувачки и поврзувачки фактор.
„И ако сите граѓани на една држава и на една нација не го говорат, не го употребуваат и со тоа не покажуваат чувство на припадност и желба за да припаѓаат на една нација, тогаш се доведува во прашање постоењето на нацијата и на тој начин се дестабилизира постоењето, функционирањето и ефикасноста на државата. Ние сме во една таква фаза кога од одредени заедници или поединци не се покажаува чувство и желба за припадност на македонската нација“, изјави академик Катица Ќулавкова, рецензент на книгата.
Да се потсетиме дека црвените линии ни избледеа, стануваат сè потенки и потенки, рече професор Миноски, со апел до политичарите кои носат сериозни одлуки и кои беа присутни на оваа промоција.
„Мисирков најдобро знаел што значи да живееш и да работиш во туѓина, во држави, особено каде што сите сакале да ве присвојат и кадешто не ве признаваат. Затоа оваа наша држава што ни е единствена создадена на парче од Македонија треба да биде оној образовен научен центар за културен развој на Македонците, не само во Републикава. Да зрачи македонизмот меѓу Македонците, во соседството и пошироко. Ако тоа не го направиме, пискотниците што се слушале од Галичник до Река веќе ќе замрат, ќе нема кој ни да писка“, изјава проф. д-р Константин Миноски, рецензент на книгата
Книгата „Социолошкиот дискурс на Крсте Петков Мисирков: за македонскиот идентитет и за нацијата“ од професор Ганка Цветанова е објавена во издание на „Арс Ламина“, дизајнот на книгата е дело на Ласко Џуровски.
Нина Стефанова
