Вести Македонија Топ вести

Непознато е кој гради надградба врз доградбата на Битпазар

Dogradba na stanbena zgrada na Bitpazar

Доградбата врз доградба на станбена зграда на скопски Битпазар е дивоградба, констатирале општинските инспектори. По проверка во општинската евиденција утврдиле дека објектот нема одобрение за градба, ниту одобрение за доградба. Во Општина Чаир велат дека во петокот бил извршен вонреден инспекциски надзор, но кој доградува цел кат врз зградата засега е непознато.

„На ден 16.01.2026 год. (петок) извршен е инспекциски надзор на посочената локација при што е утврдена изградба на надградба и на самата локација не е затекнат никој на лице место. Поради утврдување и обезбедување на дополнителна документација и докази, постапката е во тек за разјаснување на околностите и утврдување на причините“, велат во Општина Чаир.

Објектот, кој предизвика, бројни реакции на социјалните мрежи, се наоѓа во тесните улички меѓу Битпазар и Чаршијата. Се забележува дека се работи за трикатна станбена зграда со поткровје покриено со црвен лим. Врз поткровјето потоа има дигнато уште еден кат, а сега се гради нов. Во Катастарот нема имотни листови ниту за веќе постојната доградба. Имотни листови има само до старото поткровје.

Според информациите на Телма, зградата ја изградил турски инвеститор пред повеќе од 15 години, ги продал становите и си заминал, но тогаш била само до поткровје.

Праксата покажува дека дури и да се донесе решение за уривање, тоа може да се одолговлекува со години по судските лавиринти.

Ако инвеститорот или сопственикот се непознати, тогаш работата оди побрзо. Градежните инспектори преку дневните и општинскиот весник го покануваат инвеститорот на распит. Ако не се јави, се носи решение за уривање, но ако се појави тогаш работите може да се развлечат. Инвеститорот има право на жалба до второстепена комисија. Ако жалбата биде прифатена, постапката се враќа на почеток. Ако не биде прифатена, решението за уривање станува правосилно, но има право на вонредни правни лекови – тужба пред Управен суд, па потоа и пред Вишиот управен суд.

„Е сега што се случува. Иако во решението за отстранување пишува дека жалбата не го одлага извршувањето, градежните инспектори пожелно е да го причекаат исходот од користењето на сите тие редовни и вонредни правни лекови со цел да не се случи некој од тие органи да го поништат решението на градежниот инспектор, па ако објектот е урнат да се доведе до тоа државата или општината да плаќаат пенали на субјектот на надзор, односно да го урнат објектот иако е нелегално изграден, и да платат оштета, која често знае да биде дебела“, вели Златко Бојаџиев, претседател на Здружението на градежни инспектори.

Бојаџиев вели дека инвеститорите често го користат тоа и затоа Здружението со години бара измени на законот за да се поедностави постапката. Во ваков случај, дури и најочигледна дивоградба може да се влече со години по судовите и да не може да се урне, вели тој.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Девет еколошки организации бараат трајно поништување на концесиите за проектот Иловица-Штука

Дејан Дејан

80-тина материјални докази на обвинителството изведени на денешното рочиште за 9-мината полицајци

Дејан Дејан

Без согласност на СДСМ и Левица, власта ги поднесе измените на Изборниот законик – електронското гласање на дијаспората на гласање

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе