Надминати се недоразбирањата помеѓу Национален парк Шар Планина и фирмата Ескимо Фрирајд околу тоа дали може приватниот оператор да превезува скијачи со специјалните возила познати како „ратраци“ до повисоките предели на Шар Планина. Двете страни потпишаа договор и се обврзаа на соработка.
По викенд недоразбирањата на терен и соопштенија со обвинувања, Националниот парк Шар Планина и фирмата Ескимо Фрирајд се спогодија па потпишаа и договор. Приватниот оператор се обврзал да ги почитува плановите за управување и движење со специјалните возила познати како ратраци. Сега на повисоките предели на Шар Планина и двата оператори ќе носат луѓе за слободно скијање.
„Примарната цел на договорите кои се склучени со двата економски оператори што ја вршат оваа туристичка дејност е воспоставување јасен режим на движење, надзор и одговорност на операторите. Овој режим има за цел ограничување на влијанието на моторните возила врз чувствителните живеалишта, зачувување на биодиверзитетот и заштита на еколошката рамнотежа на паркот“, изјави Евзал Елмази, директор НП Шар Планина.
Двата оператори ќе можат да користат 3 специјални возила и едно дополнително за итни потреби за санација или превоз на повредени. Нивното движење ќе се следи преку сателитските системи. Целта е да се развива туризмот, но исклучиво на организиран, контролиран и институционален начин.
„Се разбира дека НП пат го задржува правото да врши контрола на нивната работа и постојано ќе бидат под надзор на нашите служби. И сега е тоа многу едноставно, затоа што со преземање на обврските коишто ги предвидува договорот, веќе и самите се изложуваат на реална една ситуација да мора да се придржува тие правила коишто ги пропишува нашиот план за управување“, објасни Милорад Андријевски Раководител на одделение за одржливо користење на природните ресурси НП Шар Планина.
Од НП потенцираат дека движењето на „ратраците“ во строго заштитените зони како и за сите возила не е дозволено. Движењето е регулирано и во зоната за активно управување.
Александар Самарџиев
Дигитална обработка: Т.Д.
