Министерството за внатрешни работи предупредува на фишинг-напади преку лажни СМС-пораки, меилови, веб-страници и пораки на социјалните мрежи, кои наводно се испратени од страна на Одделот за моторни возила како известување од системот „Безбеден град“.
Во нив се содржи лажен линк со кој граѓаните се пренасочуваат да извршат уплата за наводен сообраќаен прекршок. МВР апелира граѓаните да не ги отвораат сомнителните пораки и да не споделуваат лични податоци и ги повика да пријавуваат измами.
СМС известувањата за направен прекршок треба да бидат од испраќач „MVR-SC“ и во нив задолжително треба да ја пишува и регистарската ознака на возилото кое направило прекршок. Полицијата соопшти и дека во тек се активни истраги и мерки за откривање и санкционирање на сторителите на ваков вид измами.
