Роднини на 63 жртви, повеќе од 200 повредени и македонската но, и светската јавност е во исчекување на утрешниот старт на судењето за најголемата трагедија во земјава.
Судскиот процес за пожарот во дискотеката Пулс во Кочани кој се случи на 16 март годинава, почнува утре во судницата во затворот Идризово. Денеска се прават последните подготовки за процесот во кој се обвинети 35-мина и три фирми. Сите се обвинети за исто дело „Предизвикување тешки дела против општата сигурност“.

Настаните кои се опфатени во изминатите 13 години, а резултирале со трагедијата со многу жртви.
Предметот ќе го бранат дури 15 обвинители, а судечкиот совет ќе го предводи судијката Дијана Груевска Илиевска.
Родителите за емисија на КОД на Телма, сведочеа дека очекуваат правда, но стравуваат дека однапред е договорено се.
И токму денеска се огласи опозицијата. И лидерот на СДСМ Венко Филипче и на Левица Димитар Апасиев, бараат политичка одговорност. Филипче бара анкетна комисија, додека Апасиев како претседател на актуелна ќе свика седница на почетокот на декември и тоа по барање на родителите на загинатите. Од власта се согласуваат но бараат да се дебатира и за други трагедии.
Во предметот првообвинет е сопственикот на кабарето, Дејан Јованов – Деко, неговиот брат, дел од обезбедувањето, тројца претходни градоначалници на Кочани, двајца поранешни министри за економија Крешник Бектеши и Ваљон Сарачини.
Од ова министерство надлежно за издавање лиценци за ноќните клубови се обвинети и еден државен секретар и петмина службеници.
Меѓу обвинетите е и актуелниот министер без ресор во владата на Мицкоски, Шабан Салиу, но е обвинет како поранешен директор на Дирекцијата за заштита и спасување.
Од оваа институција се обвинети и тројца други бивши директори и еден генерален инспектор, раководител на инспекциска служба во ДЗС.
Се гонат и локални инспектори но и инженерката која го одобрила елаборатот. Родителите бараат доживотна затворска казна за газдата но и казни за они кои стоеле зад неговиот криминал и биле корумпирани.
Билјана Николовска
Б.С.
