Во Њујорк денеска се одржува една од најинтересните изборни трки изминативе децении за нов градоначалник на „Големото јаболко“. Интересниот момент не е само тоа што и двајцата фаворити кандидати потекнуваат од истата партија, Демократската, туку тие се наоѓаат на сосема различни фази во своите политички кариери, но и тоа што имаат дијаметрално спротивни визии за најпопуларниот град на светот.
„Да дадеме сѐ од себе на терен, мои пријатели, да го направиме тоа заедно. Вечерва и утре макотрпно да работиме за никогаш да не си го поставиме прашањето „што ако?““, порача Зохран Мамдани, кандидат за градоначалник на Њујорк.
Зохран Мамдани, младиот и енергичен самонаречен социјалист, води во сите анкети пред поранешниот гувернер на сојузната држава Њујорк, Ендру Куомо, некогашната ѕвезда на Демократската, пред серијата скандали да ја повлече во надолна линија неговата политичка кариера.
„Излегувате на улица, ја чувствувате енергијата, ја гледате излезноста. Сите го велат истото, сакаат градоначалник кој всушност може да донесе промени и да направи нешто, градоначалник со искуство и способност. Не им е потребен градоначалник чие прво вработување ќе му биде градоначалник на градот Њујорк“, нагласи Ендру Куомо, кандидат за градоначалник на Њујорк.
Триесет и четиригодишниот Мамдани успеа за помалку од една година да изгради сериозно политичко движење зад себе, мобилизирајќи ги пред се младите луѓе и претставувајќи се како вистински борец за правата на работничката класа. Дел од неговите ветувања се бесплатен јавен превоз за најголемиот град на светот, замрзнување на висината на наемнините за домови и национализирање на дел од синџирите за малопродажба на храна. Поради овие политики, републиканците и дел од естаблишмент демократите го сметаат Мамдани за премногу радикален левичар. И додека Републиканците ликуваат, очекувајќи тотален крах на демократскиот бастион Њујорк, Деморкатите стравуваат дека евентуалниот неуспех на Мамдани може да ѝ наштети на партијата на федерално ниво.
На само неколку часа пред отворањето на гласачките места, во трката се вмеша и американскиот претседател Доналд Трамп, поддржувајќи го Куомо.
„Мамдани не може да се справи со Трамп, тоа е јасно. Идниот градоначалник мора да биде способен да се носи со Трамп. Јас се носев со него како гувернер на Њујорк за време на Ковид, во најтешкиот период. Сакаше да го стави Њујорк во карантин, јас го спречив. Ја распореди националната гарда во 20 градови. Во кој град не ја распореди? Во Њујорк. Значи, јас се справив со Доналд Трамп, го направив тоа еднаш, ќе го направам и повторно“, смета Куомо.
Но, Мамдани не остана должен. Поддршката на Трамп за Куомо тој ја отслика како обединување на политичарите кои не им мислат добро на обичните Американци кои едвај врзуваат крај со крај.
„Би ве поканил да погледнете кој друг го поддржа Ендру Куомо денска. Илон Маск. Илон Маск кој самиот доби 959 милиони долари во даночни повластувања од Ендру Куомо додека беше гувернер за да ја добие таа поддршка. Тоа се повеќе пари отколку што ќе бидат потребни да се направи јавниот превоз бесплатен во овој град“, додаде Мамдани.
Анкетите покажуваат дека 34-годишниот Мамдани, релативно ново лице дури и во локалната политичка сцена на Њујорк, е на чекор од освојување на, како што е подбивно познато ширум САД, најомразеното работно место на светот. Неговата победа ќе има сериозно влијание врз Демократската партија на национално ниво. Веќе многумина деморкати се надеваат да го копираат неговиот модел на мидтерм изборите за една година од сега.
Игор Трајков
