Вести Македонија

Општина Кисела Вода – помеѓу ветувањата и реалноста

Прв сосед на Центар – Општина Кисела Вода, е дом на над шеесет илјади жители, во единаесет населени места. Згради и куќи, големи булевари и мали тесни улички.

Животот во Кисела Вода е различен за сите. Во посредениот дел од општината – контраст помеѓу урбаниот раст и инфраструктурата.

Ова е секојдневието на жителите на населбата Кисела Вода.

„Кога тие дозволуваат да се гради, луѓето купуваат, се продава и купуваат. Тие не градат диво, значи некој им дозволил да се изградат тие згради. Проблем е со паркингот, а со хигиената исто така. Стари дрва паѓаат и не ги обновуваат – го чекаат да падне, па да го исечат. Амбуланти фалат, нема луѓево кај да одат – ниту на забно нема, одат по некои приватни“, вели една жителка на Кисела Вода. 

„Затрупани сме во ѓубре. Појдете по контејнерите да видите што се случува. Стојат контејнерите по 10-15 дена, има и кабаст отпад и нема кој да го собере. Или не сака, не знам што е работата“, вели друг од анкетираните. 

„Премногу е изградено! Јас шеесет години живеам овде. Сѐ е изградено. Појдете на Рампа, тоа е хаос! Тоа што не смее да биде, според урбанизмот. Нема место за паркинг, луѓето страдаат“, додава уште еден жител на Кисела Вода. 

„Еве погледнете, овде има една нова зграда и позади ќе се прават уште десет нови. Ако трпи инфраструктурата, автобуси за многу луѓе, школо имаме… ќе биде добро, ајде“, коментира еден од граѓаните. 

Решавање на урбанистичкиот хаос и бетонизацијата, но и на проблемот со паркирањето е еден од клучните сегменти во програмите на кандидатите кои претендираат да седне во градоначалничката фотелја во Општина Кисела Вода.

А, додека жителите на населба Кисела Вода се мачат со паркирањето и гледаат одблизу кон терасите на соседите, жителите на друго населено место имаат други проблеми.

Ова е Припор, оддалечено само три километри од центарот на Скопје, но само на ивица од урбаното.

„Водата си тече и си оди надолу. Секој дожд поплава, а и нас нѝ влегува во дворовите и гаражите. Не е решен одводот и атмосферската канализација. Треба да се направи и за лекарства да имаме поблиску. Аптека немаме, ништо немаме во овој реон“, вели еден од жителите на населба Припор. 

Помеѓу ветувањата на политичарите и реалноста – се испреплетуваат и запоставени, но горливи прашања, за бројно население од овој дел на градот и на територија на Општина Кисела Вода.

„Овие дупки, нерамнини и оштетувања на патот кој води до Драчево и другите населби, стојат вака со години наназад, а неброени се и возилата оштетени токму на оваа делница. Конкретно ова, е под ингеренции на градот, но никој не го санира.”

Но, сега во програмте на кандидатите за градоначалник на Кисела Вода, може да се најдат ветувања за алтернативен пат од Драчево до Охис.

Проблем на територија на Кисела Вода остануваат и индустриските загадувачи, како и токсичниот линдан во Охис кој чека на расчистување.

На локалните избори на 19 октомври, граѓаните можат да избираат помеѓу седум кандидати за градоначалник на Кисела Вода и девет советнички листи.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(Видео ) Ги криел под седиште пурите вредни четири илјади евра, царина му ги заплени

Kristina Kuzmanovski

КОД: Цената на следењето и прислушувањето, вредноста на посебните истражни мерки

Дејан Дејан

Исмаил: Зошто Божиновска го крие Меморандумот со кој се фалеше од Вашингтон?

Kristina Kuzmanovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе