Преку објава на социјалните мрежи пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил, соопшти дека побарал увид во Меморандумот за соработка во енергетиката што министерката за енергетика, Сања Божиновска, го потпишала во Вашингтон, во април годинава. Но, како што вели наместо копија од документот, од Министерството за енергетика добил одговор со „нејасни формулации за можни ограничувања, меѓународни обврски и заштита на информации“.
–Како што може да се види од одговорот министерката практично вели дека допрва ќе утврдувала дали веќе потпишан и заверен документ има карактер на доверлив документ или не“, наведува Исмаил.
Во објавата отвора и прашања поврзани со евентуалниот статус на документот и пристапот до класифицирани информации. „Но, ако постојат информации кои не смеат да бидат достапни за јавноста, тогаш природно се поставува прашањето: по кој законски основ е тоа така?“.
Исмаил се осврнува и на фактот дека министерката Божиновска поседува македонско и бугарско државјанство. Според него, тоа отвора прашања околу можноста за добивање безбедносен сертификат за пристап до евентуално класифицирани информации.
–Ако не постои можност за поседување таков сертификат, тогаш се поставува прашањето како е возможен пристап до евентуално доверливи документи, а уште повеќе и нивно потпишување, наведува Исмаил.“
Toj се сомнева и околу можната содржина на меморандумот, поврзувајќи го со пошироки регионални енергетски проекти.
–Се поставува и прашањето: дали овој меморандум е обичен политички документ или зад затворени врати се договараат геополитички и енергетски аранжмани кои Македонија ја претвораат во транзитна територија за туѓи интереси?.
