Жена од Нов Зеланд e уапсена под обвинение за занемарување на дете, откако возач на автобус пронајде живо двегодишно девојче во куфер што бил складиран во багажниот простор на возилото, соопштија властите.
Возачот на автобусот забележал движење во торбата за време на планираното запирање во населбата Каивака, северно од Окленд, откако патник побарал пристап до багажниот простор, изјави детективот инспектор Сајмон Харисон во соопштението.
Кога возачот го отворил куферот, го откриле двегодишното девојче, кое било многу жешко, но физички неповредено. Не е познато колку време малото дете било во багажниот простор или помеѓу кои градови патувал автобусот.
Детето е однесено во болница, а уапсената жена е обвинета за малтретирање или занемарување на дете за што ќе одговара пред судот. Нејзиното име не е објавено од страна на органите за спроведување на законот.
Автобуската компанија „ИнтерСити“ им потврди на новозеландските медиуми дека во инцидентот е вклучено едно од нејзините возила. Компанијата не наплаќа билети за деца помлади од 3 години, кои можат да патуваат бесплатно во скутот на возрасен.
