Се зголемува притисокот врз израелската влада и нивниот најлојален сојузник и спонзор, администрацијата на Доналд Трамп, за завршување на војната во Газа. Дали заради вистинска желба за запирање на ужасот, кој е сѐ поочигледен во оваа палестинска територија или во обид да се спаси се полошата меѓународна позиција на еврејската држава, група од околу 600-тини пензионирани високорангирани израелски функционери, вклучувајќи и раководители на безбедносните служби, испратија писмо до Трамп, во кое бараат од него да изврши притисок врз Израел веднаш да ја запре војната во Газа.
„Наше професионално мислење е дека Хамас веќе не претставува стратешка закана за Израел. Извршете притисок врз Нетанјаху и неговата влада со јасна цел: да и се стави крај на војната, да се вратат заложниците и да заврши страдањето“, пишува во писмото, кое меѓу другите го потпишале и поранешниот шеф на Мосад, Тамир Пардо, поранешниот директор на Шин Бет (односно израелското контраразузнавање), Ами Ајалон, поранешниот премиер Ехуд Барак и поранешниот министер за одбрана Моше Јаалон.
Но, останува нејасно дали Трамп, кој досега се покажа како најлојален сојузник на Нетанјаху, ќе се реши да изврши каков било притисок врз него. Сепак, дури ни Трамп не може да ја негира хуманитарната криза во Газа, иако не ја пропушти можноста да се пофали колку многу САД прават за нејзино надминување.
„Само ние сакаме да ги нахраниме луѓето. И ние сме единствената држава која го прави тоа. Даваме пари да ги нахраниме луѓето. Стив Виткоф врши одлична работа. И ние сакаме, Израел да ги нахрани луѓето. Даваме големи придонеси, за да се купи храна и да се нахранат луѓето. Не сакаме луѓето да бидат гладни и не сакаме да гладуваат. И се случуваат лоши работи“, изјави американскиот претседател, Доналд Трамп.
Колку тешко ќе биде да се присили екстремно десничарската израелска влада да ја запре војната во Газа, најдобро ја илустрира изјавата на министерот за национална безбедност Итамар Бен Гвир, кој при посетата на една од најсветите локации за јудаизмот и исламот, Ридот на храмовите во стариот дел од Ерусалим, испрати порака која единствено може да се протолкува како повик на етничко чистење на Палестинците.
„Ужасното видео на Хамас е јасен доказ на нивната цел: тие сакаат да извршат притисок врз државата Израел. Тоа го кажувам тука од сите места, од Ридот на храмот, местото каде докажавме дека е можно да се владее со суверенитет. Од овде испраќаме порака дека од денеска мора да го освоиме целиот Појас Газа, да го анектираме целиот појас Газа, да ги елиминираме сите од Хамас и да спроведеме доброволна емиграција“, нагласи Итамар Бен Гвир, министер за национална безбедност на Израел.
Во разорната израелска офанзива на Газа беа убиени повеќе од 60.000 луѓе, голем дел од нив, жени и деца, додека стотици илјади се ранети и повредени. Заради целосното блокирање на доставувањето хуманитарна помош во Газа, Палестинците се соочени и со вистинска хуманитарна катастрофа. Или со терминологијата на Обединетите Нации – „најлошото можно сценарио на глад во моментов се случува во појасот Газа“.
„Јас сум најстар од моите браќа по татко ми. Тој беше убиен во воздушен напад вчера. Се обидувам да побарам од кого било да ми даде малку брашно или оброк од помошта која стигна денеска – тоа беше прв пат да видиме помош“, вели Мохамед Мудеири, присилно раселено момче.
„Израелците со гранати и куршуми пукаа кон нас. Присилени сме да лежиме на земја. Се криев меѓу 200 мажи и куршуми летаа над мојата глава. Ако ја кренеме главата, погодени сме. Ако седиме долу, куршумите паѓаат околу нас“, вели Фаиза ал Терамси, присилно раселена Палестинка.
Сто и осумдесет луѓе од кои 93 деца, досега починаа од неисхранетост во Газа, а доколку не дојде до драматично подобрување на снабдувањето со храна, ситуацијата само дополнително ќе се влошува, предупредуваат Обединетите Нации.
Никола Илиевски
