Врховната Рада на Украина на денешната седница го прифати законот со кој се враќа независноста на двете агенции за борба против корупција по бранот на протести во изминатите денови. Предлог законот пред пратениците го претстави претседателот Володимир Зеленски, откако жителите во поголемите градови во земјата протестираа против претходното законско решение што беше набрзина усвоено во парламентот.
Со претходниот закон, кој беше усвоен пред седум дена, Националната канцеларија за борба против корупција и Специјалното обвинителство за борба против корупција беа ставени под надлежност на државниот обвинител. Притисокот што следуваше врз Зеленски од западните земји, вклучително и Европската Унија, наводно бил пресуден во одлуката за промена на законот.
Денешната седница на Радата беше пренесувана во живо. Со новиот закон се враќа независноста на двете тела за борба против корупција. Но, вработените со пристап до државните тајни ќе мораат во иднина редовно да се подложуваат на тестови со детектор на лаги и ќе бидат испрашувани за можна соработка со Русија, која ја нападна Украина во февруари во 2022 година.
Двете тела беа формирани во 2015 година за борба против криминал и корупција меѓу високите државни функционери и политичари. Следејчи ги барањата на западните сојузници, Украина воспостави мрежа од тела за борба против корупција. И покрај тоа, земјата останува една од најкорумпираните во Европа, според „Транспаренси Интернешнл“.
