Чувството на осаменост во современиот свет може да биде многу често. Ова го кажа уметницата и декан на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, Славица Јанешлиева, за појдовната точка на проектот „Meѓу надежта и стравот“, со кој лани ја претставуваше Македонија на 60-тото Венециско биенале за визуелна уметност.
Тоа беше курирано од Бразилецот Адриано Педроса, кој ја зададе темата „Странци насекаде“.
Проектот на Јанешлиева, составен од дводелна просторна инсталација, сега е достапен за македонската публика во Чифте амамот зашто негов носител во Венеција беше Националната галерија на Македонија.
Уметницата го воведува посетителот во два различни простори. Бела соба, со перници од пердуви и неонска реклама со пораката од бајката „ Грдото пајче“ на Ханс Кристијан Андерсен, дека гледаме појасно со срцето отколку со окото.
„Зборувам и за локалното битисување, како јас се чувствувам во државата. Не само во државата , некогаш и дома, нели. Дека она чувство на осаменост може да го имаме во современиот свет, многу често. Меѓутоа сакав овој пат да не се бавам само со локални теми, туку да бидам поширока, да биде тоа поглобално“ – рече Јанешлиева.
Во белата соба движењето на посетителите по перниците е лесно, но рамнотежата се губи.
А, преминувањето во црната соба ја враќа рамнотежата на движење, но несигурноста останува поради соочувањето на посетителот со себе си во огледалото, на кое се проектира, следен од поставената камера – рече Јанешлиева.
„Многу ми беше битно да го соочам посетителот со чувството, како е да се гледаш од ракурс на другиот. И повторно сме збунети бидејќи тоа не е ракурсот кој што ние секојдневно си го имаме за себе“ – вели Јанешлиева.
Ана Франговска која во минатото повеќепати соработувала со Јанешлиева, и овој пат го става кураторскиот потпис на делото.
„Реферира на проблемите или аспектите со кои што се соочуваме во нашето секојдневие. А, тоа е дека живееме постојано на таа граница меѓу надеж и страв . И дека странци има насекаде. Говориме постојано за војни и за миграции, меѓутоа една клучна работа е тоа дека сме странци сами за себе си“ – рече Франговска.
Проектот ќе биде достапен за јавноста во Чифте амам до крајот на јули.
Сотир Трајков