Како дел од обликувањето на надворешната политика, Македонија ја негува културната дипломатија, која е мек канал за надминување на проблемите со некои држави и за зближување меѓу народите. Но, потребно е зголемување на координацијата и поддршката на државните институции при презентацијата на нашите културни вредности и уметнички проекти во странство. Ова го кажа претседателот на Дипломатскиот клуб од Скопје на денешната панел дискусија во галеријата „Остен“.
„Да се подобри вмрежувањето меѓу уметниците и нашите дипломатско-конзуларни претставништва, особено во оние земји каде што нема Културно-информативни центри и, секако, да се работи на дефинирање на подолгорочна Стратегија за улогата на културната дипломатија и нејзиното место во надворешната политика на нашата земја“, кажа Јован Теговски, претседател на Дипломатскиот клуб од Скопје.
Македонските дипломатско-конзуларни претставништва (ДКП) и Културно-информативните центри во странство, преку различни активности, делуваат на развојот на нашата културна дипломатија. Но, неопходна е поголема организација, со цел усвојување и модели што се применуваат во странство.
„Прво, се дефинира содржина која што треба да биде поврзана со промоција на државата како туристичка дестинација. После тоа се организираат разни собири, случувања со кои што со земјата домаќин може да се соработува. Па, се нуди логистичка поддршка како сали, и.т.н. И во таа пригода кога ДКП-то е подготвено соодветно, одредени земји даваат бесплатни аранжмани“, рече Гордана Јанковска од Дипломатскиот клуб од Скопје.
Во културната дипломатија неспорна е улогата на уметникот поединец. Таков е случајот и со Живко Поповски-Цветин, чии цвеќиња на мирот го обиколија светот.
„Јас сум еден работник- дипломат, по тоа што овие цвеќиња на мирот ги подарувам“, вели Живко Поповски Цветин, ликовен уметник.
Македонската кујна и изданијата преведени на странски јазик треба да се вклучат во нашата културна дипломатија. А, младите дипломати за подобрување на имиџот на државата може да ги користат и социјалните мрежи, дополнуваат од Дипломатскиот клуб-Скопје.
Сотир Трајков