Не завршуваат проблемите на вработените во институциите од културата со пресметаните мартовски плати. Од Синдикатот за култура на Македонија алармираат дека Министерството за култура и туризам ги разрешува членовите на Управните одбори во институциите од културата, кои ги прифатиле приговорите за пресметаните мартовски плати. И на нивно место поставува нови членови.
Од СКРМ во писмен допис на социјалните мрежи , велат дека ресорот Култура тоа го прави зашто одбива да го прифати правилниот, законски начин за пресметка на платите.
- Очекуваме со платите за април да се направат корекции за правилна исплата на примањата во институциите од културата, каде Управните одбори ги имаат прифатено приговорите, велат од СКРМ во соопштението.
Согласно Колективниот договор за култура, мартовските плати требаше да пораснат за 8, 5%. Но, со пресметките од министерствата за култура и финансии од 22. април, платите се намалени за 3% на вработените во институциите од културата, и покрај најавите на министерот Зоран Љутков дека ќе се зголемат согласно порастот на минималецот. Од СКРМ велат дека не е правилно пресметана ни формулата за зголемување на платите согласно Општиот колективен договор за јавниот сектор.
- Овде не е правилно пресметан Општиот колективен договор за јавниот сектор, со кој ни растат платите за 10%, туку е пресметан како фиксна сума , исплатена во септември 2023 година, велат од СКРМ.
До сега до Управните одбори на институциите од културата и до Агенцијата за администрација се поднесени над 900 жалби, а таму каде што жалбите се одбиени од институциите, СКРМ поднесува тужби преку нивниот адвокат. Ако продолжи разрешувањето на членовите на Управните одбори , СКРМ најавува радикални чекори.
Во врска со новите реакции од СКРМ испративме прашања до Министерството за култура и туризам. Но, од таму се недостапни за одговори.
Сотир Трајков