Вести Македонија Најважни

Врховен ја поништи зголемената пресуда за дрога на Васил Јованов – Апелација го осудила без да го викне

Скопска апелација направила процесна грешка и не го известила обвинетиот Васил Јованов и неговиот адвокат за седницата на Советот на која му беше зголемена казната за трговија со дрога и поради тоа Врховниот суд ја укина зголемената пресуда.

Младиот Јованов, кој во меѓувреме доби 12 години затвор за прегазувањето на студентката Фросина Кулакова на „Партизанска“ во Скопје, претходно беше осуден на воспитна мерка во поправниот дом во Тетово поради продажба на дрога, но Апелациониот суд во февруари му ја зголеми казната на три години и 10 месеци затвор.

Врховниот суд сега ја поништи зголемената казна и го врати предметот на повторно одлучување во Апелација. Пресудата веќе е стигната во второстепениот суд, кој треба да му го препрати и на адвокатот, кој побарал вонредно преиспитување на пресудата.

Во образложението, Врховниот суд наведува дека судиите од Апелација не го известиле адвокатот на Јованов дека ќе се одржи седница, иако тој побарал, а донеле одлука со што ги повредиле одредбите на кривичната постапка во жалбена постапка, како и правото на еднаквост на оружјата и правото на правично судење. Се повикуваат на праксата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур според кој на секоја од странките треба да ѝ се даде разумна можност да го претстави својот случај.

„Според Европскиот суд за човекови права, кога апелациониот суд е повикан да испита дали казната на апликантот треба да се зголеми и кога жалбената постапка може да покрене прашања, вклучително и прашања како личноста и карактерот на апликантот, што ја прави таквата постапка од клучна важност за апликантот, бидејќи исходот може да биде од голема штета за него, второстепениот суд не може правилно да го испита случајот без директно да го сослуша жалителот и да стекне личен впечаток за него“, стои во образложението на Врховниот суд.

Врховниот суд ја донел одлуката за поништување на 7 мај, но таа не стигнала до пониските судови, затоа што кога вчера на Јованов му беше изречена пресудата од 12 години за сообраќајката, беше наведено дека тој претходно е правосилно осуден на три години и 10 години месеци затвор за трговија со дрога.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Демант од Мелиса Прошева од Кочани на изјавата на адвокатот Зоран Зафировски

Tea Dimkovska

Се капеле во Треска и одеднаш водата ги повлекла – по итен повик биле спасени

Tea Dimkovska

Каква реформа му е потребна на македонскиот пензиски систем?

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе