Украинскиот претседател Володимир Зеленски обвинува дека Русија со несменет интензитет продолжува со нападите врз цивилната и енергетската инфраструктура иако на маса се ставени мировни преговори во Турција.
Зеленски порача дека ќе го чека рускиот претседател Владимир Путин во турската престолнина оваа недела за да разговара лице в лице за повеќе од 3-годишната војна.
Путин сè уште не кажал дали ќе присуствува на разговорите.
Песков: Руската делегација ќе ја чека украинската во Истанбул
Руската делегација ќе ги чека украинските претставници во Истанбул, изјави портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков.
„Нашата делегација ќе биде таму и ќе ја чека украинската страна“, изјави портпаролот на Кремљ. Тој не го откри составот на преговарачката група од руска страна, ниту пак го прецизираше времето на почетокот на состанокот.
Келог: Доколку дојде Путин во Истанбул – ќе дојде и Трамп
Специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп за Украина, пензионираниот генерал Кит Келог, изјави дека САД се надеваат дека Владимир Путин ќе дојде на преговорите во Истанбул.
Ако тоа се случи, рече тој, ќе дојде и самиот претседател Трамп.
- Сакаме да постигнеме сеопфатно примирје во Украина, а дури потоа да ги отвориме прашањата за териториите, рече Келог во интервју за Фокс Бизнис.
Американските медиуми претходно јавија дека одлуката на Трамп за доаѓање во Истанбул зависи од тоа дали Путин ќе се појави на преговорите. Администрацијата на Трамп потврди дека ќе ги испрати Келог и Стив Виткоф во Турција за да ги претставуваат САД на потенцијалните преговори меѓу Русија и Украина.