Папата Франциск е првиот поглавар на Римокатоличката црква кој ја посетил Македонија. Посетата, на 7 мај 2019, под мотото „Не плаши се мало стадо“ имаше за цел да ја охрабри во верата малата, но жива македонска католичка заедница. Историската посета на Папата на Македонија беше одраз на симпатијата на понтифот кон малите цркви на периферијата, каква што е македонската католичка црква.
На Светата миса, која се одржа на Плоштадот Македонија во Скопје, Папата испрати пораки за љубов, мир и заедништво.
На посетата по повод 25-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Македонија и Ватикан, Папата Франциск порача да се следи делото на скопјанката Мајка Тереза, како пример за братството, милосрдието и сочувството меѓу луѓето. Токму Франциск како Папа во 2016 година ја прогласи Мајка Тереза за светица.
Мисата се одржа под строги безбедносни мерки, а на плоштадот присуствуваа 15 илјади верници со претходно обезбедени билети. Освен од земјава, постата привлече и бројни верници од регионот, но и од светот, дојдени од блиску да го видат или да го допрат првиот човек на католичката црква.
Посетата на Папата дојде во чувствителен момент, неполни четири месеци по промената на името, за која немаше политички консензус, во обид за откочување на евроатлантските интеграции. Папата беше пречекан од претседателот во заминување Ѓорге Иванов кому му истекуваше вториот и последен мандат. На изборите одржани два дена претходно за нов претседател беше избран Стево Пендаровски. Изјавите од државниот врв ја рефлектираа таа поделеност во општеството.
„Вие доаѓате во време кога македонското општество е длабоко поделено, а македонската држава е тешко ранета поради прекршени ветувања, изневерени очекувања и разнишана доверба во меѓународната заедница. Децениските блокади на нашиот европски пат доведоа до политички и морални кризи што го намалија нашиот духовен имунитет и ги еродираа вистинските и трајните вредности“, рече претседателот Ѓорге Иванов пред Папата.
„Денеска, секако, не е дел за поделби. Денеска е ден за сплотување за единство, за потврдување на соживотот, но и за вербата во Бога која што, меѓу другото, повикува и на меѓусебно разбирање, почитување, помагање и поддржување. Јас верувам дека сите, пред сè ние политичарите, но и вие новинарите, медиумите, но и сите граѓани треба да учиме од мисијата која што папата ја шири низ светот, а тоа е поголема верба меѓу нас и да ги искорениме сите оние слабости или девијантни појави коишто се секојдневие, а продуцираат многу непријатни ситуации, многу често и болни работи кај граѓаните по различни аспекти“, рече премиерот Зоран Заев.
Посетата на Папата продолжи во Спомен куќата на Мајка Тереза, каде што се сретна со болни и маргинализирани граѓани и со претставници на верските заедници, по што со папамобилот продолжи на плоштадот Македонија, каде што одржа миса пред илјадниците верници и стотиците љубопитни граѓани.
Срѓан Стојанчов