Вести Македонија Најважни

Христијаните го слават воскресението Христово

Христос Воскресе! – Навистина Воскресе!, Христос Воскресе! – Навистина Воскресе!, Христос Воскресе! – Навистина Воскресе!. Со овој радосен поздрав православните верници три дена го слават најголемиот христијански празник Велигден – Христовото воскресение. Граѓаните се потсетуваат дека низ годините многу нешта се менувале, сепак празниците се тука за да се потсетиме на важните нешта во животот на кои речиси и да заборавивме во ова брзо темпо на живеење и економска криза, да се обедини семејството и најблиските, да честитате на повозрасните.

„За жал во ова турбулентно време се е заборавено. Не само празниците и фамилиите, и роднините и пријателите и комшиите, така што ми симболизира сеќавање на нешто многу убаво. Кога се беше дружби, песни, игри. Сега сето тоа е колку да помине редот. Не е тоа што беше некогаш, за жал“, коментира скопјанка. 

„Порано помладите одеа кај постарите, па повозрасните кај средните и така генерација со генерација, и цел ден ќе се сврти кругот, го честиташ празникот и веруваш во него. Денес не, затоа што имам пракса од минатата година“, вели друга жителка на Скопје. 

„Да сме луѓе, да сме чесни, да си ја сакаме државата, да сакаме мир, да го љубиме ближниот да бидеме добри, што да ви кажам друго“, порачува скопјанка. 

Во Велигденското послание поглаварот на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА), г.г. Стефан и членовите на Светиот Архијерејски Синод потсетија на одалеченоста на човекот од Бога, на неправдите, на несреќите и колку е важно да се извојува победа врз самиот себеси.

„Бог го создаде светот добар и за добро, и тој не почива во зло самиот по себе. Оддалеченоста на човекот од Бога е она што чини да се раѓа злото во светот. Затоа, историјата на човештвото изобилува со војни и зла, со освојувања и прогонства, со страдања, неправди и несреќи. Но, најважните војни и битки се оние коишто човекот ги води со себеси, преку личното покајание и враќање кон Бога. Оттаму, ако човекот успее да извојува победа врз самиот себеси, врз својата падната природа, тоа ќе значи дека ја добил и најважната битка во животот!“, изјави отец Сашко Николовски.

Верниците на Римокатоличката црква денеска го слават Воскресението Христово – Велигден, најголемиот христијански празник, што годинава на ист ден го празнуваат и православните верници. Централното одбележување на католичките верници се одржа синоќа во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје, каде што беше отслужена Воскресна литургија.

„Радувајте се луѓе, браќа и сестри, Бог ни прости. Тоа е искуството на Марија Магдалена кога Бог ѝ ги прости сите гревови. Тоа беше нејзино воскреснување. Луѓето се помирија и исповедаа пред Бога. Целта на христијанскиот живот и е да се биде едно со Бога“, изјави патер Винко Маслаќ од Католичката црква „Пресвето Срце Исусово“.

Воскресението Христово на полноќ беше објавено во сите храмови на Македонската православна црква, но и во другите христијански цркви во земјава.

Нина Стефанова

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

АХВ: Нови жаришта на сипаници кај овци и кози

Kristina Kuzmanovski

Ослободителна пресуда за Латас, обвинителот се откажал од обвинението за ,,Тотал”

Kristina Kuzmanovski

Ревизија: Паркинзи Центар должи 86 милиони денари

Kristina Kuzmanovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе