Претседателот на САД Доналд Трамп, изјави дека Вашингтон очекува до крајот на оваа недела да добие одговор од рускиот претседател Владимир Путин за предлогот за прекин на огнот во Украина.
– Ќе го слушнеме нивниот одговор многу скоро. Ние сакаме убиствата да престанат, порача Трамп по средбата во Белата куќа со италијанскиот премиер Џорџа Мелони.
Тој се осврна и на критиките кон украинскиот претседател Володимир Зеленски велејќи дека воопшто не е задоволен од него и дека не ја завршил работата најдобро.
Трамп посочи дека Русија има многу поголема армија од Украина и повторно за војната го обвини неговиот претходник Џо Бајден.
САД се подготвени да воведат нови санкции против Русија доколку Путин не прифати примирје.
Американскиот државен секретар Марко Рубио пак по разговорите вчера во Франција изјави дека нема „воено решение“ за војната во Украина.
– Мислам дека е важно сите да ги потсетиме дека војната во Украина е ужасна работа, но тоа не е наша војна. Ние не ја започнавме. Соединетите Држави и помагаат на Украина во последните три години и сакаме таа да заврши. Но, тоа не е наша војна. Сакам сите да го разберат тоа. И причината зошто ја истакнувам таа поента е дека претседателот помина 87 дена на највисокото ниво на неговата влада, постојано преземајќи напори да ја доведе оваа војна до крај. Сега доаѓаме до точка каде што треба да одлучиме и да утврдиме дали тоа е можно или не, поради што ги ангажираме двете страни, порача Рубио.