Обезбедувачот на Мицкоски барал 50.000 евра за тајни документи
Припадникот на обезбедувањето на премиерот Мицкоски е во притвор, а обвинителството објави дека барал 50.000 евра за да открие полициски службени тајни од истрага на цивилно лице.
Припадникот на 6-тата управа и на обезбедувањето на премиерот Ангел Сарамаков бил во автомобил во Велес со друго лице на кое му покажувал тајни полициски информации. Вториот сега во обвинителството има статус на неповикано лице- сведок.
„Осомничениот…… му дозволил на сведокот истите да ги снима, кажувајќи му кој документ за што се однесува. На овој начин, осомничениот од користољубие, а со цел да бидат објавени на социјалните мрежи, сторил достапни службени документи што претставуваат службена тајна, со цел да прибави паричен износ од 50.000 евра од лицето за кое се однесувале документите“, соопштија од Основното јавно обвинителство за Гонење на организиран криминал и корупција.
За делото за кое е осомничен Сарамаков, предвидена е минимална затворска казна е една година, а нема предвиден максимум и може да се движи до 20 години затвор. Од Обвинителството напоменуваат дека информациите кои ги споделувал и продавал не се поврзани со припадници на кланот Грчец, како што се шпекулираше.
Никој досега не открива за какви информации станува збор и кој требало да профитира од нивно објавување како закани, уцени и омаловажувања на социјалните мрежи.
Нема ниту информација кој му ги дал службените полициски тајни на самостојниот инспектор Сараманов за да распродава. Како вработен во обезбедување и во таканаречената 6-та Управа, притворениот немал овластувања за пристап до оперативни информации за истраги што значи дека некој друг му овозможил да дојде до нив и да ги изнесе од полиција. Истрагата продолжува, додека Сараманов е во притвор.
Од СДСМ обвинија дека обезбедувањето на премиерот Мицкоски е полно со криминалци, а од ВМРО-ДПМНЕ возвратија дека бодигардите на функционерите сега се апсат за кривични дела.
Пред да стане дел од обезбедувањето на премиерот- притворениот бил дел од други полициски служби, но и активен член на најмалиот полициски синдикат-Синдикатот на полицијата.
Пред две години на први мај Сараманов бил дел од протестите и позира со транспарент – „Без задоволен полицаец, нема задоволна полиција“.
Миомир Серафиновиќ