Десет пациенти кои се лекуваа во Македонија се пуштени дома. Во моментов, најголем број од хоспитализираните се наоѓаат во Клинички центар, Градска општа болница „8-ми Септември“, Стара градска болница „Св. Наум Охридски“, како и еден пациент во Штип. Вкупно, 162 пациенти сè уште се на лекување, од кои 115 се надвор од државата. Министерот за здравство Арбен Таравари изјави дека повеќето пациенти кои се лекуваат во странство почнале самостојно да дишат, но некои сè уште се во критична состојба, а особено еден пациент кој е на лекување во Турција и е во многу сериозна состојба.
„Во Србија се триесет пациенти, од кои двајца веќе се екстубирани, во Бугарија петнаесет од кои тројца се екстубирани, сите се во стабилна состојба, но сепак некои се покритични. Во Грција се дванаесет од кои двајца се во критична состојба, во Истанбул веќе шест пациенти се екстубирани кои се лекуваат во Анкара. Во Шпанија се седум пациенти, во Австрија се пет од кои двајца се префрлени во обичен оддел, во Унгарија се шест пациенти од кои сите се во стабилна состојба, во Хрватска се пет пациенти, еден е интубиран и четири се стабилни“, изјави Арбен Таравари, министер за здравство.
На Клиниката за токсикологија се лекуваат седум пациенти кои вдишале голема количина чад за време на пожарот во дискотеката. Нивната состојба е стабилна, но ќе останат во болница додека не се потврди целосното подобрување преку медицинските резултати.
„Овие резултатите покажуваат дека сите биле изложени на зголемена концентрација на јаглероден моноксид. Значи кај сите имаме детектирана покачена концентрација и на карбоксихемоглобин. Тоа е еден спој од хемоглобинот и јаглеродниот моноксид кој се создава кога се внесува голема концентрација на јаглероден моноксид и бидејќи има 270 пати поголем афинитет кон хемоглобинот од кислородот, го зазема неговото место, а бидејќи хемоглобиниот е физиолошки пренесувач на кислородот, настанува блокада на дишењето, односно на размена на гасови и настанува тежок недостиг на кислород во сите ткива на организмот, и последиците што настануваат се поради тоа“ изјави Андон Чибишев, директор на Клиника за токсикологија.
Министерот Таравари нагласи дека лекувањето е целосно бесплатно и нема потреба од собирање финансиски средства. Од буџетот на државата обезбедени се средства и за превоз и сместување на двајца членови од семејствата на секој еден од хоспитализираните. Тој истакна дека се очекува од следната недела некои од пациентите што се лекуваат во странство да бидат пуштени на домашно лекување. Истакна дека во наредна фаза на лекување можни се компликации и инфекции, но тие се подготвени да се справат со тоа.
Тамара Марковска