Вести Најважни Свет

Украина се согласи на 30 дневен прекин на огнот, на потег сега е Русија

30 дневен прекин на огнот и итно започнување преговори за завршување на војната. Украинската страна ги прифатила американските предлози на денешните разговори, соопшти државниот секретар Марко Рубио, додавајќи дека сега на ред се Русите, и доколку нивниот одговор е негативен, тогаш ќе биде јасно кој е вистинската пречка за мир.

Оваа понуда сега ќе им ја претставиме на Русите, и се надеваме дека ќе кажат да, ќе кажат „да“ за мир. Топката сега е во нивни раце. Пак ќе повторам, примарната цел на претседателот, повеќе од сѐ друго посакува војната да заврши, и мислам дека Украина денеска направи конкретен чекор кон тоа. Се надеваме дека Русите ќе возвратат, изјави рубио.

Првичниот рок од 30 денови може да биде продолжен во согласност со двете страни, се вели во заедничката изјава на двете делегации, каде исто така се напоменува дека единствениот услов за примирје е согласност на Москва.

Значаен елемент од денешните разговори е и обновувањето на воената помош и споделувањето разузнавачки информации, кое беше паузирано по епизодата во Овалната соба, каде Зеленски беше искаран и избркан од Белата куќа.

Како резултат на овој позитивен чекор претседателот одлучи да ја прекине паузата за нашата безбедносна поддршка за Украина. Тоа стапува на сила веднаш, изјави советникот за национална безбедност Мајк Волц.

Претседателот Зеленски потврди дека неговата земја ги прифатила американските предлози, и порача дека САД сега треба да ја убедат Русија да се согласи.

Украина е подготвена за мир. Својата подготвеност да ја прекине војната или да ја продолжи војната, сега треба да ја покаже Русија. Дојде моментот за целосната вистина, рече зеленски.

Притисокот сега се пренесува на руската страна, откако неколку недели Украина беше мета на навреда, критики и закани, и се чинеше дека и покрај тоа што е принудена да се бори за сопствениот опстанокот, се бараше од неа да се согласи и на низа отстапки.

Речникот во заедничката изјава, речникот кој Рубио и Волц го употребија на прес конференцијата по завршувањето на денешните разговори, како одлуката на Трамп веднаш да продолжи воената помош, по само неколку денови прекин, најавуваат дека САД се подготвени да ја притиснат Русија.

Како ќе одговори Москва на овие промени во ситуацијата ќе одлучи не само дали ќе има примирје, туку и дали воопшто ќе има траен мир.

Во секој случај, Трамп порача дека Зеленски повторно е добредојден во Белата куќа.

Игор Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Убиени тројца Палестинци во напад на израелските доселеници врз село на Западниот Брег

Дејан Дејан

Западниот Балкан останува во геополитичкиот интерес на ЕУ

Дејан Дејан

Арсовска поднесе пријава за 20 дивоградби во Чаир

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе