Со извици „Последната опција е уште една револуција!“, демонстрантите фрлаа камења и други предмети кон полицијата на синоќешните протести во Букурешт, откако Централното изборно тело во земјата му ја одби кандидатурата на екстремно десничарскиот популист Георгеску.
Тој претходно предупреди дека „ако Романија падне, ќе падне целиот демократски свет“, продолжи да ја критикува Романија и Европа, велејќи дека тие се под диктатура и тиранија, во истовреме изразувајќи му поддршка на рускиот претседател Владимир Путин, што предизвика уште повеќе контроверзи и поделби во земјата.
Стотици демонстранти се собраа пред седиштето на Центарлното изборно тело за да го изразат својот гнев поради одлуката. Тие фрлаа со камења и други предмети кон полицајците, запалија грмушка и превртија возило на новинарите.
Хаос во Букурешт по одбивањето на кандидатурата на Георгеску
Минатата година, уставниот суд на Романија го поништи првиот круг на гласање во ноември – во кој Георгеску беше прв – откако разузнавачките служби открија дека Русија била вмешана во 800 сметки на TikTok кои го поддржуваат. Изборното тело сега ја отфрли неговата кандидатура со образложение дека таа „не ги исполнува условите на законитоста“, бидејќи тој „ја прекршил самата обврска да ја брани демократијата“.
62-годишниот Георгеску ја нарече таа одлука „директен удар“ за демократијата. Тој сега има 24 часа за да поднесе официјална жалба до највисокиот суд, кој потоа треба да донесе одлука во рок од 72 часа.
Уставниот суд на Романија ги поништи резултатите од првиот круг два дена пред вториот круг избори на 8 декември и откако се појавија наводи дека Русија водела координирана онлајн кампања за промовирање на Георгеску, кој пак се кандидираше како независен. Одлуката на судот која е без преседан ги втурна Европската унија и земјата членка на НАТО во долготрајна политичка криза.
Но, Георгеску стана причина за славење меѓу екстремната десница, со поддршка од американскиот потпретседател Џеј Ди Венс и Илон Маск, кои силно ја критикуваа Романија за поништување на гласањето.
Минатиот месец беше покрената кривична истрага против Георгеску, кој е обвинет за „поттикнување на акции против уставниот поредок“, за поддршка на фашистички групи и лажни изјави, нешта кои тој целосно ги негира и објави нула трошоци за кампањата.
Во меѓувреме Крин Антонеску, политичар поддржан од неколку политички партии во Романија, во неделата ја пополни својата кандидатура за претседател, како и актуелниот градоначалник на Букурешт и математичар Никусор Дан.
- Со поднесувањето на оваа кандидатура, барам од моите сонародници моќта, која лежи во вашата доверба, да ја смените Романија, да ја браниме, да ја зајакнеме. Ајде заедно да направиме посилна земја, поздрава држава, добро управувана и почитувана нација, рече Крин Антонеску, романски претседателски кандидат.
Првиот круг од повторените избори е закажан за 4 мај. Доколку ниту еден кандидат не освои повеќе од 50 отсто од гласачките ливчиња, ќе следи вториот круг на 18 мај. А крајниот рок за пријавување кандидатите за претседател е 15 март на полноќ.
Билјана Ставрова