Вести Најважни Свет

САД ја прекинува воената помош за Украина, додека Европа подготвува план за повторно вооружување

САД времено ја прекинува воената помош за Украина, потврди претставник на Белата куќа. Официјалниот претставник тврди дека „помошта е ставена на пауза и се разгледува помошта за да се осигура дека таа придонесува за решение. Одлуката доаѓа откако Трамп го критикуваше украинскиот претседател Володимир Зеленски кој рече дека крајот на војната со Русија е „многу, многу далеку“.  Меѓувреме, британскиот премиер Кир Стармер објави план од четири точки за соработка со Украина за да се стави крај на војната и да се брани земјата од Русија. Претседателот Доналд Трамп порача дека договорот за ставање крај на непријателствата „може да се направи многу брзо“, но според него се чини дека Зеленски не е заинтересиран.

„Сега, можеби некој не сака да склучи договор, а ако некој не сака да склучи договор, мислам дека таа личност нема да биде наоколу многу долго. Таа личност нема долго да се слуша, бидејќи верувам дека Русија сака да направи договор. Верувам дека, секако, народот на Украина сака да направи договор. Тие страдаат повеќе од кој било друг. Зборуваме за страдање“ изјави Доналд Трамп претседател на САД.

Украинскиот претседател потенцираше дека на Украина и е потребен вистински мир, а не бескрајна војна. Тој е на ставот дека на рускиот претседател Владимир Путин не може да му се верува дека ќе го одржи прекинот на огнот, и дека Украинците нема да го положат оружјето без безбедносни гаранции од САД и Европа.

„Ни треба мир – вистински мир, не бескрајна војна. И ни требаат безбедносни гаранции. Токму недостатокот на безбедносни гаранции за Украина пред 11 години и овозможи на Русија да започне окупација на Крим и војна во Донбас. Потоа отсуството на безбедносни гаранции и овозможи на Русија да изврши целосна инвазија. И сега бидејќи се уште нема дефинирани безбедносни гаранции Русија е таа што ја продолжува војната. Целиот свет го гледа ова, целиот свет го признава ова“ изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Европската Унија изрази подготвеност да ја „засили“ одбраната. Ова го потврди претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен и рече дека Европа е во „ера на повторно вооружување“ со изложување на плановите за мобилизирање близу 800 милијарди евра за одбранбени трошоци.

„Европа е подготвена да ги преземе своите одговорности. Повторно вооружување на Европа може да мобилизира близу 800 милијарди евра одбранбени трошоци за безбедна и отпорна Европа. Ние се разбира ќе продолжиме да имаме блиска соработка со нашите партнери во НАТО. Ова е момент за Европа и ние сме подготвени да вложиме повеќе напори“ изјави Урсула фон дер Лајен, претседател на Европската комисија.

Масовниот пакет за повторно вооружување на Европа ќе им биде доставен на 27-те лидери на ЕУ кои е предвидено да се состанат во четврток во Брисел на итен состанок, откако претходно претседателот Доналд Трамп ја доведе во прашање помошта и одбрана на ЕУ за Украина.

Теа Димковска

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Синот на норвешката принцеза осомничен за три случаи на силување и 23 други кривични дела

Дејан Дејан

Врховниот Суд на САД ја ограничи моќта на судиите да ги блокираат извршните наредби на Претседателот Трамп на национално ниво

Дејан Дејан

Паднати дрвја и поплавени улици и патишта поради невреме во Тетово

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе