Шокирани сме од наративот на министерката за финансии, кој во ништо не се разликува од тој на нејзините претходници. Паушалните изјави за висината на платите во културата не се ништо повеќе од обични манипулации, кога сакаат да се нападнат вработените во културата, а дел од останатите вработени во јавниот сектор да се прикажат како жртви. Вака реагира Синдикатот за култура на Македонија, на вчерашната прес конференција на министерката за финансии, на која беше соопштен Предлог- ребалансот на буџетот, но министерката кажа и дека наследиле од претходната власт сериозни проблеми за решавање , меѓу кои и високите плати на дел од вработените во културата. Тоа од СКРМ го демантираат.
- Само како пример ќе кажеме, 70 000 плата има Кустос со највисоко стручно звање во заштитата – Советник, со над 25 години работен стаж. Првенци и вработени со највисоко стручно звање во заштитата не се повеќе од 50, во цела култура, велат во соопштение од Синдикатот за култура на Македонија.
Реакцијата на Синдикатот следеше откако Гордана Димитриеска- Кочоска на пресот кажа дека дел од вработените во установите од културата земаат високи плати и дека дел од нив не работат, а ги земаат тие плати.
- Кустос има над 70 000 денари плата. Возач во тие институциите, не во министерството за култура, туку во останатите институции има 35 000 денари плата. Во министерствата не е толкава платата. Актер- првенец – 80 000 денари, актер – трета група- 60 000 ден. Кустосот не се грижи да ги наплати своите приходи и да работи. Ќе ми простите, со исклучок, сигурно има и такви кои што работат. Не ги сврстувам сите во иста група. Но, исто така добив информации дека дел од актерите немаат ниту по една претстава во текот на годината, кажа вчера Гордана Димитриеска- Кочоска, министерка за финансии.
Новата влада нека ја погледне висината на минималната потрошувачка кошничка, која сега изнесува 60 000 денари и нека ги спроведе ветувањата за пристоен живот и европски стандард. Маргинализирањето на вработените во културата како небитни во целиот јавен сектор, укажува на непознавање на функционирањето на институциите во културата и во иднина би довело до негрижа за културното наследство, велат од СКРМ. Тие го повикаа министерот за култура и туризам, да застане зад секторот во кој до вчера беше дел, да работи на решавање на проблемите во културата и ако постојат поединци, кои според министерката за финансии не работат и не се грижат да ги наплатат своите приходи, Зоран Љутков да не дозволи тие да бидат сликата на останатите вработени во културата.
Сотир Трајков