Во конкуренција на 1450 тимови, од 36 земји, тимовите на СТЕМ Академија, Скопје Space Walkers и Space Walkers Jr. се апсолутни победници, освојувајќи ги прво и второ место во престижната категорија „Пентатлон арена“.
СТЕМ Академијата учествуваше на Глобална спортска роботска олимпијада (ROBOTSPORTS COMPETITION GLOBAL OLYMPIAD) што се одржа на Крит, Грција, во периодот од 26 до 29 април. Двата тима кои учествуваа на натпреварувањето се апсолутни победници во категорија „Пентатлон арена“. Тимот Space Walkers се истакна со освојување на најголемиот број на поени меѓу сите тимови учесници, покажувајќи квалитет во тимската работа, кои создадоа робот со исклучителни можности и одличен дизајн.
Тимот на Space Walkers Jr освои второ место во истата категорија, но доби и награда за Иновативен проект. Нивната презентација е препознаена како најдобра, со што се издвои врeедоста на СТЕМ Академија, Скопје во поттикнување на креативноста и развој на комуникациските вештини кај своите студенти.
„Перформансите на тимовите на СТЕМ Академија се гордост не само за нас, туку нивниот успех ги истакнува талентот и потенцијалот на македонската младина. Воедно ја покажува и апсолутната посветеност на академијата, во поттикнување на критичко размислување, решавање проблеми, иновациите и зголемување на нашата видливост на глобалната сцена, со човечките потенцијали кои ги имаме“ изјави Жарко Поп-Илиев, извршен директор на СТЕМ Академијата.
Достигнувањата на Space Walkers и Space Walkers Jr. се резултат на повеќемесечната посветена подготовка, почнувајќи од ноември 2023, под стручно водство на искусни тренери од СТЕМ Академијата, со кои ги усовршуваа своите вештини и верзии на роботи кои ќе можат да постигнат вака престижни резултати.
Успехот од Глобалната спортска роботска олимпијада, е најголем досегашен успех на СТЕМ Академија, на кој му претходеа второто место на FIRST Lego League Open, Либан 2019 година, најдобар тим на First Lego Adria League во Целје, 2019, најдобро инженерско решение и најдобро иновативно решение на медитерански СТЕМ натпревар во Атина 2024 година, одржан на 29 и 30 март. На локална сцена тимовите победија во категоријата Роботска Игра и најдобар дизајн на робот во националното првенство на FIRST LEGO LEAGUE 2022 и 2023 година.
Вредностите на СТЕМ Академија за тимска работа, упорност и континуирано учење се прикажани преку овие исклучителни достигнувања на глобалната сцена. Како организација посветена на обликувањето на следната генерација иноватори, СТЕМ Академија се гордее со достигнувањата на своите ученици и очекува да инспирира за поголем успех кај идните лидери во СТЕМ дисциплините.