Белоруската тенисерка Арина Сабаленка е победничката на Австралија опен. До првиот гренд слем трофеј во кариерата, таа стигна по победата во финалето над Јелена Рибакина од Казахстан со 4:6, 6:3, 6:4 во меч кој траеше два часа и 28 минути.
Ова воедно беше четврти триумф на Белорусинката во исто толку досегашни дуели со, моментно, 25-от светски рекет кај дамите. Сабаленка беше подобра од Рибакина и во Вухан во 2019 година и во Абу Даби и на Вимблдон во 2021 година.
Сабаленка најави оти се наоѓа во добра форма со освојување на турнирот во Аделаида, а на патот до тронот во Мелбурн го елиминира Мартинцова, Роџерс, Мертенс, Бенчич, Векиќ и Линет.
Белорусинката има 24 години и досега освои 11 титули на ВТА турот. Двапати играше во полуфинале на Ју-Ес опен и еднаш на Вимблдон, а во петте досегашни учества во Мелбурн, никогаш не успеваше подалеку од осминафинале.
Машкото финале на Австралија опен меѓу Србинот Новак Ѓоковиќ и грчкиот тенисер, Стефанос Циципас е утре претпладне, во 9:30 часот по средноевропско време.
