Најмалку шест лица загинаа, а бројот на повредени постојано расте и во моментов информациите говорат за 81 лице во силна експлозија што попладнево се случи на туристичката улица Истиклал во Истанбул во областа Бејоглу, една од главните улици што водат до плоштадот Таксим. Главното јавно обвинителство во Истанбул започна истрага за експлозијата. Назначени се пет јавни обвинители. Првичните информации говорат дека станува збор за бомбаш самоубиец, како и дека извршителот најверојатно е жена.

– Турција нема да потклекне пред тероризмот. Ќе ги идентификуваме сите одговорни за нападот“, нашата нација треба да биде сигурна дека сторителите на инцидентот на улицата Истиклал ќе бидат казнети како што заслужуваат“, порача турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Гувернерот на областа Али Јерликаја соопшти дека повредените се згрижени.

– Посакуваме Божја милост за оние кои ги загубија животите и брзо закрепнување на повредените“, напиша тој на Твитер.
Кривичниот суд на Истанбул забрани емитување на сите визуелни и аудио вести и социјални мрежи поврзани со експлозијата.

Со наредбата се бара од медиумските организации да избегнуваат било какви преноси со цел да се избегне создавање страв, паника и превирања во општеството и кои можат да им служат на целите на терористичките организации.
– Од суштинско значење е да им помогнеме на нашите полициски и здравствени тимови во врска со експлозијата на улицата Истиклал и да избегнуваме постови кои можат да предизвикаат страв и паника. Сите релевантни тимови се во регионот, ќе обезбедиме точни информации“, напиша на Твитер градоначалникот на Истанбул Екрем Имамоглу.

Истиклал за една од најфреквентните улици во областа Бејоглу на кои има многу продавници, на која во 2016 години имаше напад на бомбаш самоубиец.
Турција беше погодена од низа смртоносни бомбашки напади меѓу 2015 и 2017 од групата Исламска држава и забранетите курдски групи.
Александар Петрески
