По неколкудневни тешки борби со германскиот окупатор распореден пред Качаничката Клисура македонските бранители со победоносен марш влегоа во Скопје. Народнослободителна дивизија на македонската војска и 16. Македонска бригада на 13 Ноември 1944 година го ослободија градот од фашистичка окупација.
По тој повод и годинава со низа манифестации во главниот град ќе биде одбележана големата побрда во борбата за слобода.
Високи државни делегации утринава на Градските гробишта „Бутел“ и на споменикот Ослободители на Скопје, на платото пред Владата положија свежо цвеќе.
Детскиот културен центар „Карпош“традиционално ја организира манифестацијата „Го градам мојот град 2022“, на која учествуваат децата од предучилишните установи. Оваа манифестација има за цел да ги истакне детските творечки способности и креативност и да ги запознае децата колку големо значење има празникот 13 Ноември за Град Скопје.
По повод празникот 13 Ноември е најавена и улична трка поради што од 16:30 до 19 часот поголем дел од линиите од јавниот превоз ќе имаат изменет режим на сообраќање од вообичаениот. Трасите на движење се објавени на веб-страницата на ЈСП „Скопје“ и на нивниот Фејсбук.
Она пак што годинава фрла сенка на одбележувањето на овој важен датум е што Град Скопје за првпат не ги објави добитниците на наградата „13 ноември“ која ја врачува градоначалникот, а нема информација ни за одбележувањето на празникот.
Наградата „13 Ноември“ на Градот Скопје се доделува на физички и на правни лица како знак на признание на Градот Скопје, за остварувања во многу области и сегменти од општественото живеење и кои претставуваат посебен придонес за развојот на Градот и за неговиот севкупен напредок и афирмација во Македонија во светот.
Минатата година иако требаше лично да ги врачи наградите не се појави на закажаниот настан.
