Ракометарот Мојсоски на чело на АМС не добил никакви документи за успесите на јавачот Онишченко, но владата му дала државјанство на контроверзниот украински политичар ставен на американската црна листа.
За да стане македонски државјанин, Олександар Онишченко, украинскиот политичар со корупциско досие во Киев и со членство на црната американска листа поради мешање во американски избори, требало да има меѓународни спортски успеси во годината пред да го добие државјанството.
Но такви документи никогаш не стасале до Агенцијата за млади и спорт којашто ги барала доказите за успесите во коњичкиот спорт еквестријан.
Директорот на Агенцијата за млади и спорт Наумче Мојсоски во телефонски разговор тврди дека од федерацијата за коњички спортови било побарано, но тие никогаш не доставиле докази за успесите на барателот на државјанство. Сепак владата му дала државјанство.
Но владата во својата одлука за доделување државјанство ги потенцира токму позитивното Мислење на Агенцијата за млади и спорт како оправдување што на спортист со контроверзна политичка биографија полна со корупциски скандали и учество во креирање на дезинформации, му дала македонски пасош.

Веста за македонскиот скандал ја објави и сајтот „Russian crimes“ бидејќи Онишченко во Украина е гонет за корупција како проруски олигарх кој соработувал со Кремљ.
На седницата на која украинскиот јавач со леснотија ги прескокнал пречките од законот за државјанство биле и премиерот Ковачевски и неговиот прв заменик Артан Груби.
Процедурата била запазена смета премиерот и најавува проверка на околностите на скандалот кој му поминал пред очи додека водел владина седница.
Одобрение дале Агенцијата за млади и спорт, Македонскиот олимписки комитет, федерацијата на коњички спортови, но главниот пас стигнал од Агенцијата за национална безбедност која не нашла ништо спорно во контроверзната биографија на човекот кој дури монтирал лажни изјави на американски политички претставници за да му помогне на Трамп во изборите против актуелниот претседател Џо Бајден.
Министерот Спасовски вели МВР не е надлежно, одговорноста да се бара кај 4-те спортски и разузнавачки институции, а немало ниту меѓународна потерница.
Директорот на АНБ Виктор Димовски кој многу скоро треба да стане амбасадор во Франција не одговори на нашите повици и пораки, а опозицијата побара да се стопира неговото дипломатско испраќање во Париз.
-Доколку МНР не ја повлече одлуката за номинирање на се’ уште актуелниот директор на АНБ за амбасадор во Франција, на потег ќе биде претседателот Пендаровски. Барем еднаш нека се одважи и нека не биде партиски извршител, односно нека не го потпишува Указот за лице кое и’ нанесува срам на Македонија, наведе Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ.
Од врвот на МНР, рекоа дека Димовски уште чека на собраниска комисија за да замине во Франција, а Османи најави дека ќе се чека разврска на случајот со Онишченко кој се уште јава под знамето на Македонија.
Миомир Серафиновиќ
