Вести Најважни Свет

Неизвесност кој ќе го контролира американскиот Конгрес по вчерашните избори во САД

Ништо од големиот црвен републикански бран кој според најавите на конзервативците во Соединетите американски држави требаше да доминира на вчерашните избори на кои граѓаните гласаа за сите 435 членови на Претставничкиот дом на Конгресот и за  1/3-тина од членовите на Сенатот.

Сѐ уште е неизвесно кој ќе го контролира Конгресот а додека се бројат гласовите, Демократите успеаја да ја освојат клучната Сенаторска позиција во Пенсилванија, каде прогресивниот демократ Џон Фетерман, кој се опоравува по преживеаниот мозочен удар, убедливо го порази доктор Мехмет Оз, кој беше поддржан од поранешниот американски претседател Доналд Трамп. Ова е значајна сенаторска позиција која демократите успеаја да ја преземат од републиканците.

Уште една критично важна трка за Сенатот е во Џорџија, меѓу демократот Рафаел Ворнок и републиканецот Хершел Вокер. Ворнок води, но многу е веројатно дека за овој мандат ќе мора повторно да се гласа, бидејќи ниту еден од кандидатите нема повеќе од 50% освоени гласови.

Се уште е неизвесно кој ќе победи  и во останатите неизвесни трки за горниот дом на Конгресот, во Висконсин, Аризона и Невада.

Републиканците со голема веројатност ќе го преземат мнозинството во Претставничкиот дом, иако Демократите и во овие трки остварија подобри резултати од очекувањата.

Републиканците успеаја да извојуваат некои победи. Тоа е нешто што сме навикнати да го гледаме на изборните трки на средина на мандатот на претседателот, две години откако тој ја презел власта. Значи, да, имаше некои републикански победи, но во некои држави веројатно е дека нема да бидат толку големи колку што некои очекуваа, анализира новинарката на Асошиејтед прес, Мег Кинард.

Факт е дека доколку Републиканците успеат да освојат барем еден од двата дома на Конгресот, ќе можат да ја блокираат агендата на Бајден, но тоа воопшто не е ништо ново за американската политика.

Во повеќе држави се гласаше и за гувернери. Републиканците ќе ги задржат раководните позиции во клучните држави Тексас, Флорида и Џорџија.

Рон де Сантис убедливо победи на Флорида, со што дополнително си ја засили можната кандидатура за следен претседателски кандидат на републиканците.

Де Сантис веќе го предизвика бесот на Трамп, кој секако не може да биде задоволен и од поразите на повеќе други кандидати за Конгресот кои тој ги поддржа.

Главни причини за гласање за луѓето беа инфлацијата што беше клучен мотив за Републиканците, но според излезните анкети нив пак им наштети одлуката на Уставниот Суд, каде мнозинство имаат конзервативците, за забрана на абортусот. Вчера гласачите во сојузните држави Вермонт, Калифорнија и Мичиган одлучија да го внесат правото на абортус во уставите на своите држави, спречувајќи каков било иден обид за негово укинување.

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Гори Канада – над 800 активни пожари, најголем дел се надвор од контрола

Sasko Dimovski

Кос со осуда на изјавата на српската министерка Пауновиќ дека етнички би го исчистила Косово во 1998 година да била на местото на Милошевиќ

Sasko Dimovski

(Видео) Улици претворени во реки – силно невреме вечерва ја зафати Битола

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе