Вкупно 66 обвинители гласаа за избор на новиот раководител на обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција Ислам Абази, кој по потекло е од Зајас, родното село на Али Ахмети. Самиот Абази потврди дека немал програма за работа, но и покрај тоа обвинителите го избрале за најгорливиот оддел во правосудството, преку кој треба да се гонат и функционери.
Самиот Абази се пофали дека работел многу предмети и бил дел од работната група за конфискација на запленет имот стекнат со криминал. Од друга страна во пракса, Абази нема работено речиси ништо со корупција и со организиран криминал.
Биографијата на Абази на судскиот портал е скромна и содржи само 35 пресуди и судски одлуки. Првата која се појавува е за неговата тужба против Обвинителството и заедно со уште две колешки во 2015-та барал да му се исплатат дневници за дежурства. Процесот го добил, обвинителството му исплатило над 57 илјади денари за заостанати дневници, а Абази бил еден од десетината обвинители кои ја тужеа својата организација. На крај дневниците си ги добија сите, и оние што не тужеа и оние што тужеа.
Во ова пресуда е наведен и почетокот на кариерата како обвинител во Кичево каде бил 20 месеци основен, па потоа бил избран за Виш обвинител. Речиси девет години беше во Вишето јавно обвинителство, и како обвинител и последните 4 години како раководител. Вчера е избран на првите обвинителски избори, а во пресудата пишува:
-Тужителот Ислам Абази е именуван за јавен обвинител на Основното јавно обвинителство Кичево со одлука СОИ.бр.4/12 од 25.04.2012 година на Советот на јавни обвинители на РМ. Оваа функција истиот ја извршувал се до 03.12.2013 година кога со одлука бр.6/13 од 03.12.2013 година на Советот на Јавни обвинители на РМ е избран за јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство во Гостивар.
Абази треба да гони кривично за организиран криминал и корупција, во досегашната кариера од 10 и пол години, немал речиси никакво искуство според судскиот портал. Само во два случаи (како Виш обвинител) гонел функционери и тоа на ниско ниво. Станува збор за кривичен процес против директор на ХЕЦ Маврово за злоупотреба од околу 30 илјади евра. Тој процес на Вишото обвинителство прво го изгубил, но потоа во повторување на постапка го добил предметот како Виш обвинител.
И во Кичево како основен обвинител има гонето за злоупотреба на службена положба во 2012-та, но гонел директор на приватна фирма која што злоупотребила државна помош за вработување на хендикепирани лица. Предметот не го довршил, туку се откажал од обвинението и го препратил случајот на граѓанска постапка.
Најголем дел од кариерата, Абази поминал во Вишо обвинителство. Според пресудите и одлуките, како што впрочем е и минорна улогата на вишите обвинители во судските постапки од втор степен на Апелациони судови, Абази само повторувал дека се придржува на жалбата, предлогот и мислењето на основниот јавен обвинител во случајот. Еве еден пример од пресудите на судскиот портал:
-Јавниот обвинител на ВЈО Г. Ислам Абази на јавната седница приложи писмен предлог V КОЖ.бр.283/16 од 29.09.2016 година, со кој предлага да се одбие како неоснована жалбата на обвинетите изјавена преку нивниот бранител против пресудата на Основниот суд Гостивар К.бр.223/14 од 28.12.2015 година, како неоснована, поради причините наведени во образложението на писмено поднесениот предлог.
Ова го работел Абази меѓу декември 2013-та и ноември 2018-та кога е избран за раководител на Вишото јавно обвинителство. Оттогаш не застапува предмети туку само менаџира.
Меѓу големите предмети во судскиот портал е тоа што како Виш обвинител се спротивставил на тужбата на двајца осудени за убиство кои добиле 40-годишни затворски казни. Убиството било во Тетово, а обвинителот Абази успеал да ја добие битката на апелација и да бидат отфрлени тужбите на осудените, со што останале важечки 4-децениските затворски казни за убиство извршено во ноќен клуб полн со стотина посетители.
Во Кичево како јавен обвинител за 20 месеци кариера, бил далеку од гонење на криминалци од висок профил и функционери. Работел на кражби, тешки кражби, фалсификување на камионска шасија, неплаќана родителска издршка, но и на тешки сообраќајни несреќи и за напади врз полицајци.
Една од повпечатливите пресуди со негово име е кога гонел кичевчанец за кражба на 1,2 кубни метри дабово дрво и успеал да ја докаже вината, а осудениот добил десет глоби.
Како виш обвинител (според судскиот портал) има работено и на повеќе случаи за недозволено поседување на оружје и дрога, тешки телесни повреди, предизвикување општа опасност.
Највпечаливото од овој дел на кариерата на Абази е кога во втор степен „извојувал“ 2 годишна казна за маж кој бил уапсен со 1,32 грама марихуана и со 13 семки канабис.
Но има и процес кој го изгубил како виш обвинител иако девојка од тетовско била киднапирана од маж на повеќе од 30 дена. Основниот суд го ослобил киднаперот, обвинет за противправно лишување од слобода. Тој ја начекал девојката пред фризерски салон, за коса ја довлекол до такси и ја однел во домот во друго село каде таа минала цел месец заробена, Судот сметал дека девојката бидејќи контактирала преку Фејсбук и изразувала симпатии кон киднаперот пред киднапирањето не е жртва, па го ослободила момчетопоради недостаток на доказот.
Абази како Виш обвинител ја претставувал жалбата на колегата од основното обвинителство, но и гостиварска Апелација ја потврдила оваа пресуда, стои на судскиот портал. Сите овие податоци биле достапни и на сите кои гласале за Абази или за неговите противкандидати, но најверојатно гласачите-обвинители не ги знаат кариерите и достигнувањата на кандидатите.
Кариерата како обвинител на Абази (според судски портал)
Кичево обвинителство
Измама при оставинска постапка, 2013-та, виновни (браќа од Зајас)
Неплаќање издршка по развод, (лице од Зајас) виновен
Неплаќање издршка по развод, виновен
Кражба на 1,2 кубици дрва, виновен глоба
Тешка кражба, условна пресуда
Тешка кражба, колешка од колега во ЦУК украла ташна со пари, условна пресуда
Кражба, виновен глоби
Спречување службено лице во вршење службено дејствие, виновен условна казна
Загрозување на безбедноста на сообраќајот, виновен без казна, што значи дека обвинетиот се договорал со жртвата
Злоупотреба на службена положба, пари од социјален фонд за вработување на хендикепирани лица, повлечено обвинение и пратено на граѓанска постапка
Фалсификување исправа, податоци за шасија на камион, одбиено обвинение
Вишо јавно обвинителство
Предизвикување општа опасност, потврдена
Предизвикување општа опасност, потврдена и поголема казна
Спречување службено лице во вршење службено дејствије, зголемена казна
Тешка телесна повреда, намалена казна
Предизвикување општа опасност и недозволено поседување оружје, намалена казна
Тешка телесна повреда, потврдена казна
Тешка кражба, потврдена
Затајување на пари од станбена заедница, поништена
Родосквернавење, отфрлена жалба, потврдена 12-годишна казна за сторител
Дрога 1,32 грама марихуана, двегодишна затворска казна
Обљуба врз немоќно лице, потврдена казна
Тешка телесна повреда, прифатена жалба на обвинител и зголемена казна
Недозволено поседување оружје, одбиена негова жалба.
Измама, прифатена негова жалба за поништување пресуда
Убиство, потврдена пресуда за двајца од по 40 години
Злоупотреба на службена положба, изгубил поништена пресуда за директор на ХЕЦ Маврово за штета од 30 илјади евра
Злоупотреба на службена положба, по вторпат ја добил пресудата за директор на ХЕЦ Маврово за штета од 30 илјади евра
Недозволено поседување оружје, потврдена пресуда
Недозволено оружје и дрога, потврдена пресуда
Злоупотреба на службена положба, директор на ученички дом, потврдена казна и прифатена обвинителска жалба.
Недозволено поседување оружје, потврдена пресуда, одбиена негова жалба за ниска казна и две условни казни.
Противправно лишување од слобода, ослободителна пресуда останала, но отфрлена е обвинителска жалба.
Миомир Серафиновиќ