Десетина проектили претпладнево истрелаа Северна и Јужна Кореја, една кон друга. Ова е прво нивно меѓусебно ракетирање што претставува значителна ескалација на тензиите на Корејскиот полуостров. Веднаш се огласија и сирени за воздушен напад, а на луѓето им беше кажано да се евакуираат во подземните засолништа.
Пјонгјанг истрела вкупно 10 балистички ракети од неговиот источен и западен брег кон Јужна Кореја, на што Сеул возврати со три проектили. Сите истрелани ракети завршија во вода. Војската на Јужна Кореја го опиша инцидентот како неприфатливо нарушување на нејзината територија и порача дека ќе возврати на секоја провокација во иднина.
Северна Кореја во вторникот предупреди дека јужниот сосед и САД ќе платат „најстрашна цена во историјата“, ако продолжат со заедничките воени вежби на кои Пјонгјанг гледа како прикриена закана од употреба на нуклеарно оружје.
Меѓусебното лансирање на проектили се случува во денови на Национална жалост во Јужна Кореја по несреќата викендот во Сеул во која загинаа над 150 луѓе.
Јужнокорејските, но и јапонските власти, го осудија најновиот инцидент.
Претседателот на Јужна Кореја, Јун Сук-јул го нарече нападот „ефикасна територијална инвазија“, иако еден од севернокорејските проектили слета надвор од јужнокорејските територијални води. Во неговото соопштение се наведува дека севернокорејска ракета ја минала северната гранична линија за првпат од поделбата на полуостровот.
Според меѓународното право, земјите може да воспостават територијално право на 12 наутички милји во морето од границите со нивните копна.
Сашко Димовски
