Во осум средни училишта во Скопје околу пладне стигнале електронска пошта со закани за подметната бомба на училишната територија.
До 15:30 часот беа проверени вкупно пет училишта за кои е утврдено дека заканата е лажна.
Директорот на Гимназијата „Орце Николов“ за Телма изјави дека заканата стигнала во спам-сандачето на службената електронска пошта (мејл) на гимназијата. Пораката стигнала од испраќач novaera.mk кој претходно немал испраќано мејлови до нив.
Имало навреди и закани дека на територијата на училиштето е поставен експлозив.
„Беше вознемирувачка содржина, веднаш известивме на 192. Во пораката стоеше дека не мрази, ќе убие илјадници со експлозивот, а пораката завршуваше со „сите ќе умрете“. Заканата беше вознемирувачка, во школото учат илјада ученици и се ни се мота низ глава. Полицијата изврши евакуација. Провери и ни кажа дека се е чисто и дека од утре може да продолжи наставата. Полиција сепак остана како обезбедување околу училишната зграда“, ни изјави Митко Димовски., директор на скопската гимназија „Орце Николов“.
МВР потврди дека покрај пребарувањето, истражува од каде е испратен мејлот.
Учениците пак велат дека не им било страв и дека мислеле дека заканата е лажна.
Павле Беловски
Миомир Серафиновиќ
