Околу 12.000 потрошувачи, наместо од отворен пазар, струја добиваат од каде што се снабдуваат домаќинствата и тоа по регулирана цена, велат извори за Телма. Се повеќе државни и јавни институции на локално и централно ниво, но и приватни фирми се префрлаат на регулиран пазар за да користат поевтина електрична енергија. Тие, по правило, не треба да ја трошат оваа струја, туку да ја набавуваат од отворен пазар и е поскапа. Од РКЕ за Телма потврдија дека во текот на оваа година, одредени потрошувачи се враќаат на регулираниот пазар и тоа на несоодветен начин.
„Во текот на оваа година, одредена категорија на потрошувачи, вклучувајќи ги и општините се враќаат на регулиран пазар на несоодветен начин. За ова преминување, РКЕ ги информираше сите институции кои што вршат инспекциски надзор“, велат од РКЕ за Телма.
Дополнително, со ваквото префрлање на потрошувачите на регулиран пазар, се прави сериозен дисбаланс во системот. Количните на електирчна енергија за нив не се предвидени, поради што мора да се направи непланиран увоз на струја.
„Во првите шест месеци од оваа година, тоа нè чинеше непланиран увоз од 30 милиони евра. Од јули оваа година, па до сега, не е направен дополнителен увоз поради тоа што ЕСМ го зголеми домашното производство. Од 1 јули, цената за малите потрошувачи на регулиран пазар изнесува во просек 190 евра за мегават час“, се вели во дописот од РКЕ за Телма.
Од Rегулаторна неколку пати алармираа дека овие префрлања мора да запрат. Освен што може да напрват системски проблем, може да влијае и на цената на струјата за домаќинствата, односно таа да се зголеми. Експертите, пак, сметаа дека ЕСМ доколку има вишок струја, наместо да ја испорачува на овие 12.000 потрошувачи, може да ја продава на отворен пазар и тоа по повисока цена, а тоа би било добивка за самата компанија и за нејзината ликвидност.
Дали ќе расте бројката на потрошувачи кои би користеле струја од каде што се снабдуваат домаќинствата сè уште е неизвесно. Владата пред извесно време даде предлог уште стотина компании од прехранбениот сектор да се префрлат на регулиран пазар за да им се намалат трошоците. Од РКЕ сметаат дека тоа е погрешен начин за да им се помогне. Од комисијата предложија овие фирми поевтина струјата да добиваат од ЕСМ продажба. Но, дали и од каде ЕСМ ќе обезбеди електирчна енергија и за овие компании, од електрани одговор најавија по продолжениот викенд.
Според информациите, во оваа криза проблем е и тоа што одредени министерства и дурги државни и јавни инситуции за електирчна енергија должат 40 милиони евра.
Ирена Чачкова
