Со 39 гласови „за“ и ниеден „против“, советниците на Град Скопје, на вонредна седница изгласаа прераспределба на средства од буџетот на Град Скопје и за субвенционирање на ЈСП. Тоа обезбедува плати и придонеси на вработените за септември, поради чие доцнење синдикатите организираа протести од понеделникот, а од утрово до пладне автобусите не сообраќаа.
- Пред да започне Советот на Град Скопје имавме средба со градоначалничката Данела Арсовска и таму е договорено што во глобала се случи на Советот. Само што излеговме од кабинетот на градоначалничката ги известивме вработените во двете автобази и веќе сите автобуси на ЈСП се на училите на град Скопје. Што се однесува до платата, утре на трансакциските сметки на вработените ќе биде исплатена септемвриската плата – Миќо Стојановски – претседател на ССМ-ЈСП.
Со изгласаните одлуки на Советот, за ЈСП се обезбедени над 2 милиони евра, средства со кои ќе бидат покриени платите на вработените до крајот на годината .
- Ова се средства кои што се неопходни за да се покријат средствата за вработените за следниве 4 месеци. Практично, до крајот на годината ќе бидат обезбедени платите за вработените , за истите да не чекаат на оние кои што должат за да си ги подмират своите долгови – Данела Арсовска – градоначалничка на Град Скопје.
Претходно , градоначалничката од говорницата на Советот апелираше Владата да го подмири долгот кон Град Скопје , а општините кон ЈСП. Според неа , средствата за ЈСП се обезбедени со кратење по 20% од неколку ставки од гратскиот буџет и дека до оваа состојба немало да дојде доколку таа била член на СДСМ или на ВМРО-ДПМНЕ, кои ја опструиралe работата на Градот. Според советничката Катерина Јовановска од Левица потребно е системско решение за ЈСП кое има милионски долгови генерирани 1 деценија , а не фластер на рана, како што ги опиша изгласаните одлуки на Советот. А , советникот Александар Трајановски од ГРОМ рече дека требало преку ребаланс на гратскиот буџет да се интервенира, со што би се решил проблемот и кон приватните превозници кои се закануваат со протести зашто Град Скопје им должи околу 1 милиони евра.
Сотир Трајков
