Битката ја доби огнената група, но политичко-партиската војна ќе продолжи бидејќи главна цел е заземање позиција за лидерската позиција во ДУИ,кога Ахмети ќе одлучи да замине, вели за Телма аналитичарот Џелал Незири. Партискиот портпарол Бујар Османи вели дека замена за Али Ахмети-нема. Опозицијата и порачува на ДУИ сега да работи за граѓаните и да откаже од зљаедничката политика со СДСМ, која според Мицкоски со состои од „лажење и крадење“.
Еден генерален партиски совет заврши, но догодина ДУИ ја чека партискиот изборен конгрес. Али Ахмети засега е неприкосновен партиски лидер, а го докажа со соло водењето на генералниот совет.
Аналитичарот Џелал Незири вели дека резултатот од вчера е очигледен, но војната уште трае, а главниот плен е да се фати најдобра позиција пред лидерското заминување на Ахмети.
-Мислам дека вчерашниот ден беше битка добиена од „огнената група, но не дека станува збор за добиена политичка војна. Таа политичка војна во сржта ја има челната позиција во ДУИ. Не станува збор само за Груби или за кадровски решенија во извршната власт. Пред се се работи за една трка, која има за цел зацврстување и подобрување на позициите со цел да се стигне до лидерската позиција во партијата. Во 2023-та ќе се одржи 5-тиот партиски конгрес. Дали тоа ќе биде момент кога Ахмети ќе се повлече или ќе бара уште еден мандат како што самиот најави останува да се види, вели аналитичарот Џелал Незири.
Бујар Османи и денеска го величаше партискиот лидер и неговата способност да победува, а на новинарите им понуди и свое толкување за новата позиција на Артан Груби во ДУИ, кој по мандатот организациски секретар, сега е член на централното претседателство.
-Мислам дека Артан Груби сега е унапреден со членството во Централното претседателство. Мислам дека Ахмети се покажа не само овојпат туку во изминатите 20 години се покажа како лидер кој воспостави нов модел на одржување, на динамизирање, на обновување на една организација која што еве веќе 20 години нема изгубено ниту едни избори. И на секои избори станува се посилна и посилна, потенцираше Бујар Османи.
Новинарско прашање: Тоа значи дека нема замена за Али Ахмети?
Османи: Нема замена за Али Ахмети.
Замена ќе дојде, но што ќе отвори во партијата чии членови две децении се верни на авторитетот на лидерот.
-Факт е дека тој е единствената фигура кој ги обединува сите партиски струи. Го има тој авторитет за обединување. Тешко е да се верува дека ако тој ја напушти позицијата, ДУИ ќе остане партија каква што денеска ја знаеме, потенцира Незири.
Лидерот на опозицијата Мицкоски пак рече дека сега на ДУИ и посакува да почне да работи во интерес на граѓаните и да престане со заедничката со СДСМ пракса- лажење и крадење. Од друга страна сега во хиерархијата во Мала Речица се враќаат луѓе како Муса Џафери кои беа главната врска на партијата во претходната заедничка власт со Груевски и ВМРО-ДПМНЕ. Мора да гледаат и на она што се случува во македонскиот блок, оценува аналитичарот Незири.
Миомир Серафиновиќ
