Европа ги трпи последиците од процесот во кој ги одвои изворите на својот просперитет од изворите на безбедност. Просперитетот го темелеше на евтина енергија од Русија и пристап до големиот кинески пазар, посочува високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Жозеп Борел, во говорот на годишната амбасадорска конференција на која се собраа шефовите на дипломатските претставништва од ЕУ и од светот.
– Рускиот гас – евтин и наводно достапен, безбеден и стабилен. Се покажа дека тоа не е така. И пристап до големиот кинески пазар, за извоз и увоз, за трансфер на технологија, за инвестиции, за евтини стоки. Мислам дека кинеските работници со нивните ниски плати направија многу подобро и многу повеќе во задржувањето на инфлацијата отколку сите централни банки заедно“, вели Борел и додава дека сега прилагодувањето кон политичките проблеми ќе биде тешко.
Додава и дека целиот овој процес ќе влијае на силно преструктуирање на европската економија.
– Денес Европската унија мора да најде нови извори на сопствена енергија што е можно повеќе за да не замени една зависност со друга, бидејќи најдобрата енергија е онаа што се произведува дома, додава тој.
Од друга страна, Европа за својата безбедност се потпира на Соединетите Американски Држави, што е во ред кога станува збор за администрацијата на претседателот Џо Бајден, со која има одлична соработка, смета Борел.
Високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ признава дека Европа се покажала слаба во прогнозите. Таа не го предвидела, иако можела да очекува, рускиот напад врз Украина, ниту силата на украинскиот отпор, ниту подготвеноста на Путин да ја ескалира ситуацијата.
– Се сеќавам кога државниот секретар на САД, Тони Блинкен, ми се јави и ми рече: Тоа ќе се случи овој викенд. И, два дена подоцна, во пет часот наутро, почнаа да го бомбардираат Киев. Не верувавме дека тоа ќе се случи и не предвидувавме дека Украина е подготвена да даде таков жесток и успешен отпор како што прави. Се разбира, благодарение на нашата воена поддршка, тоа ќе беше невозможно, но и тие придонесоа многу, додава високиот претставник на ЕУ за надворешна и безбедносна политика.
Борел укажа и на потребата ЕУ да се вклучи повеќе во битката со информации и ставови, бидејќи како што посочи војната не се добива само со тенкови, ракети и војници.
